космички (прид.)
Тој космички миг на среќавањето со мртвото тело на Рацин на плоштадот, покриено со знамето на земјата, на неговата земја за која живееше, страдаше и пееше, тој молневит душевен потрес, таа отворена рана, страдалничка, на елегичните стихови на неговата Балада што нѐ сплоти сите во плач и липање беа, можеби потсвесно, но длабоко во чувствувањето и мислата оној никулец што ги откриваше како еден нов, дотогаш непознат свет на болката на постоењето и на убавината на зборовите, мојата чувственост, мојата приврзаност и определба за поезијата.
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
Светлината на кандилото со фитил испрекината, во стилот на воздишката што чезнееше од предолго исчекување, во космичка бездна, умирајќи во темните сенки, на ноќната тишина...
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Се внесов во глетката и во овој едноставен одвивачки образец на космичката еволуција кој претставуваше вистинска историја на човечкиот род.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Размислувам и во правецот на телепатијата и космичката енергија.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
Ние децата на самракот што меко легнува во ходникот Ние што ѝ тежиме на тежата на земјата Ние што љубиме од љубопитство Ние што не признаваме владетел во зборот формираме Независна Илегална Единица Пророк Ние децата на паднати борци со шестари в раце Ние со центарот в срце Ние избодени од игли Ние што кротко се собираме во црно-белата слика Ние од портретот групен формираме Независна Илегална Единица Пророк Ние децата на ветрот со очи во темната шума Ние громобрани на очајот развлечени во поворка Ние што подаваме рака над космичката постела Ние - тајната на светот формираме Независна Илегална Единица Пророк
„Забранета книга“
од Веле Смилевски
(2011)
Со едното раскошно крило, распослано како ладило и влечејќи го по земја како тореадорска пелерина, прекрасната птица скришум ѝ пријде на кокошката, ја зграпчи со мудар стисок и за космички миг ја забоде на земја, нешто што кулминира до точка на вечно топорење и гордеење.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Имам мистички визии и космички вибрации Ален Гинзберг Благословувам постојано Благословувам Сѐ што е околу мене. (Предметите Ми ги одбројуваат часовите Додека ги разместувам по сеќавање)
„Забранета книга“
од Веле Смилевски
(2011)
Може ли да се оди дотаму да се каже како Duchamp-овата маѓепсаност со кружните форми, она што Gabrielle Buffet, зборувајќи за него, го нарече „опседнатост со круг”, маѓепсаност што се манифестираше од појавата на Мелницата за кафе 1911. и Тркалото од велосипед до бескрајното умножување на елипси во неговите Роторељефи и Оптички машини од триесетите години, одговара на Leonardo-вата опседнатост со вртлози, вирови опкружени со пена и коса, кружни и вртоглави плетки на една космичка perpetuum mobile?
„МАРГИНА бр. 3“
(1994)
„Подземните“ уметници и идеолози се алхемичари кои кореспондираат со космичкиот интелект.
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Некаде помеѓу белката и жолчката на космичкото јајце, пулсираше живиот човек, со огромен потенцијал од битија, во зачнување, но никој не беше моќен да досегне до лушпата, уште помалку, надвор од маргините на космичкото јајце, надвор од моќната обвивка на Земјата.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Огромната површина го потсетува на бескрајот што се простира не само, сега, под него, туку и во длабочините на небото и потаму, на бескрајот на космичкиот свод со кој, непоколебливо верува бен Цви, владее онаа семоќна сила што тој ја замислува како Создател.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Низ едноставниот одвивачки образец на космичката еволуција, кој претставува вистинска историја на човечкиот род, а кој го сочинуваат: почнувајќи од геа- суперниорниот, атомите, Земјата како макроскопска материја, свесноста, преку менталното себство и универзалниот дух,па сѐ до квантниот вакум, можеме да се пронајдеме себе.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Седумте смртни греови
суетата, многубоштвото, блудот
алчноста, слабоста, охолоста, злосторот
прераната смрт и поделбата
на раси и класи
крволочноста, разбаштинетоста
подземјето и теророт, сѐ
во име на народот и правдата
Платоне
поредокот е устроен од човек
за уметност е настроен, за појезис
за вешто строење жални и страшни собитија
митови и митарења
- што дека ечи заносно стремежот
по идеалното дело космичко
Божјо!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Состојбата на енергетските полиња во космичката сфера, претпоставувам, биле во некој неред. Имало бура.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
И додека канцерозните клетки на „медитациите“ бавно го убиваат пивтиестото месо на (не)стварноста, иднината е само низа на трошни црвоточни денови, а сегашноста полузадушено се превиткува во пајаковата мрежа на минатото, јас останувам да плутам внатре себеси низ правливите патеки на ништото, отсликувајќи ја бескрајната космичка празнина.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Зелениот дијамант можеби бил некаков космички истражувац во некаква си мисија, можеби облик на свест кој се појавил како плод на еволуција кај минералите, можеби некаква организирана и свесна заедница на минерали...
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Играта со културните нивоа на предметите по пат на амблеми, го допира и раширеното толкување на фетишите и општата космичка предметна заситеност.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Нивниот приод е космички и доколку во моите песни го има космосот, тие ќе го чујат и ќе се одгласат. ...
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Кога Господ го создавал светот кршејќи го космичкото јајце, ги создал небото и земјата.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Пловидба
којзнае дали корените на флората
се изворите на езерото
дали билките ткаат космички страсти
во твоите очи или на разбој
дали се опоравува љубовта
кога едриме
дали сме тоа ние
изненадени од гостопримството
на сонцето
дали преоѓаме еден во друг
и гинеме ли
изненадени
не се креваат облаците
и нискиот притисок
со небото од исти работи боледуваме
никогаш нема да го разбереме
знакот на пловидбата
будни како извори
носиме студена струја
струја.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)