леб (м.)

Се трудам да го заслужам тој леб.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Забремени по трет пат. Го носеше, работеше, мора да се работи, лебот од земјата мора да се вади...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Но глеј беља: штом се допре до креденецот - стана златен, штом го фати ножот - стана златен, место убавиот мек лебец - во раката држеше голема грутка злато...
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
А тука настана проблем... секој ѕидар, тесар, армирач, при преземање на манџичката и пола кило леб треба да го предаде купончето.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
На мала цврста лединка прскаат жолти сонца под копитата на гладот Темни концентрични тежини бујат над пејсажот зрел што плаче со искри од леб Луд виор од млади надежи сонува шарени звуци – широка песна на ветрушка Огромни товари ден лазат по долгиот пат од солзи и од смев
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
И месечината не се симна по стожерите гумната зрно не видоа место плод по дрвјата растеше Во дланките како леб го стискаа селаните и прворотките место чедо раѓаа камен црн гол камен.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Потоа жените со нејасно лице оставиле околу плочата по залак леб од пченично брашно и ја напоиле со вино земјата во која ги забуцале танките свеќички или боринчињата натопени во смола.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Лебот е насушен, народот загушен од сите страни со грабливци опкружен внатре со јуди во партиска битка европска курва за јајца не стиска
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Но кога виде оти уште е рано, — си поседе на чешмата, си поужина лебец и сиренце, се напи водичка и времето дојде.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
За тоа време двајцата по него го настигнаа и тој им пресече од лебот и од сланината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Еве сега ќе видиш...сепак го разврза тоа мало нешто, извади од џебот на елекот малку црн леб, го кршеше лебот на мали парченца, па со макање во нането, касна колку еден – два залака.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Старец го крши надве лебот Во лебот мирис на млеко на доилка Легната среде јачменот.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Тага ми го стисна грлото. Го гледав малото неподвижно кученце и не можев да верувам дека утре не ќе можам да го поделам со него кришум земеното парче леб.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Затоа овие сомуни леб и сирењето ги хранеа нашите сужни и физички и духовно.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Тука беа само неговите деца. Ние ги храневме, им носевме млеко, леб за попара.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Остатокот од пешникот ѝ го подаде на Мара и потоа тројцата засркаа од гравот, држејќи ги во едната рака коматот леб, во другата лажицата. Братучедите лакомо јадеа.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Зар не виде како се џарам околу себе додека ја враќав теглата во празнината на ѕидот и додека ја спуштав лажицата во каленицата од која минатата ноќ сркав надробен леб во толчен лук со оцет и вода.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Мајка му беше перачка и татко му една година му се порадува на своето единче и се изгуби отаде океан барајќи среќа и леб.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Во време на глад и војни, кога била големата светска економска криза, јадеа леб месен од брашно со варени компири, кој им бил многу вкусен...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Често ќе добиевме чаша млеко или парче леб со козји кајмак.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Повеќе