лојален (прид.)
Јас мислам оти ние треба да бидеме лојални кон Турција, но претполагајќи оти турското правителство и народ ќе разберат најпосле оти интересите на нивната држава во Европа се совпаѓаат со нашите и зависат најмногу од нив, а не си противречат, и затоа Турците први ќе треба да го докажат искреното сакање да се во мир со нас и со тоа да ја заслужат нашата поддршка на нивните интереси.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Ние сме задолжени да бидеме лојални поданици на Неговото Царско Величество Султанот.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Оние кои што некаде кон средината на осумдесеттите даваа заклетва дека ќе бидат лојални на принципите на извидничкиот кодекс во херојското село Лавци битолско, може ќе се сетат на следново.
„Филтер Југославија“
од Константин Петровски
(2008)
Остана сосем сам, милји оддалечен од неговиот искрен и лојален пријател за кого мислеше дека во последно време беше единствениот способен за здраворазумен дијалог.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Кога се однесува на член на Партијата, означува лојална готовност да се каже дека црното е бело кога партиската дисциплина го бара тоа.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Директорот – откако дозна дека ќе биде тужен – го викна оштетениот работник, заедно со уште десетина други работници, и им одржа сочно заканувачко обраќање во кое им рече дека тие не се лојални на фабриката, но сепак, заради неговата „добродушност“, тој нема да ги избрка од работа, а нив ни случајно да не им текне преку извршител да ги бараат евентуално досудените пари што им ги должи претпријатието.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“
од Димитар Апасиев
(2011)
А татко ми, како дојденец, туѓинец во овој град, не беше мигрант како сите козари, туку емигрант, човек што ја минал границата, па мораше да биде видливо лојален, да не се замери, за еден ден, со семејството да го добие бараното државјанство, да добие потврда за лојалност кон новата земја.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Денеска слушав еден куртон познат во светот ко Елтон Џон широк ауспух на полигон спремен да прими и сурла од слон Брзо се проби со педерско лоби од Џорџ Мајкл поддршка доби поддршка орална, цврста, лојална двојка идеална во собата овална
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Откако во хор сите ќе се заколневме на лојалност кон социјалистичките идеали, станувавме пионери.
„Филтер Југославија“
од Константин Петровски
(2008)
Таа систематски ја поткопува солидарноста во семејството, а го нарекува својот лидер со име кое директно му се обраќа на чувството на семејната лојалност.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Добивме и дипломи со кои се гарантираше нашата лојалност, потпишани од генерал Требаше наскоро да бидеме подготвени за постови на одбрана на земјата надвор, која внатре започнуваше да се распаѓа.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Вие честито и лојално би живееле и во царство со кое владее стоглава ламја. Честитоста и лојалноста се релативна категорија.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Чедноста беше длабоко всадена во нив, како еден вид партиска лојалност.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Кога размислувам за тоа време сега, сметам дека неговите искуства во Првата светска војна, во тенковскиот корпус во Африка, и во кралскиот воздухопловен корпус мора да оставиле голема трага во него, а и несреќниот живот со мајка ми... но тој никогаш не ми зборуваше што му значела „војната” лично и, како што си претставувам, имал премногу големо чувство на пристојност и лојалност кон неа за мене да ми зборува за таков вид нешта.
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Љубовта бара зрелост, доблесност, еднаквост, блискост, несебичност, лојалност, добронамерност, љубов која изгрева од самото битие како интензивен копнеж кој води кон просветлување.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Согледувајќи ги, уште при крајот на 1941 година, значењето и помошта од работата на иселеничките групи, Владата на САД го прецизирала својот став во еден документ каде што се истакнува дека „Американската влада дозволува, со оглед на истата воена заднина, американските граѓани, настапувајќи како американски граѓани и со полна лојалност спрема САД, сепак да можат да ги симпатизираат народните барања на земјата на своето национално потекло и да можат да се организираат во знак на симпатии и пријателска помош на таквите тежнеења".
„Македонија низ нишанот на САД и Британија“
од Тодор Чепреганов
(2012)
Павле конкретно, беше лојален гардист повеќе од четири години.
„Браќата на Александар“
од Константин Петровски
(2013)
И од тој најширок спектар на емоции во една референтна рамка или основна архитектура на менталниот живот во чии темели се посветеноста, чесноста, лојалноста, грижата, одговорноста, самодовербата, сочувството, љубезноста, трпението, трудољубивоста, смирението, воздржаноста, хармонијата денес како да е отсечена сиопсата, врската со емоционалните центри во мозокот со што се предизвикува хаос во процесите за расудување.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Тој не нудеше практично ништо, освен општествена почест и доказ за лојалност кон идеалите на режимот.
„Браќата на Александар“
од Константин Петровски
(2013)
Водата, пак, лојална, се враќа
дома, назад:
океанот има широка душа
првин ќе ѝ прости,
потем ќе ѝ го покаже патот
- кон амбисот!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)