лушпа ж.

лушпа (ж.)

Погледнете ѝ во очи на осамата Погледнете ги слабоста и мааната Посакајте ги совеста и доблеста Не е животот чаура тесна Ниту енигма за вас прелесна Улогата ваша никогаш до крај не е доиграна Не поклонувајте се пред време Завесата сѐ уште не е спуштена Сѐ уште не сте спремен Да чекорите без трема Да излезете од закоравената лушпа Во која со векови се дреме...
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Кога крилјата се подготвени за летање бргу се долетува до гнездото на сопствената болка од сопствената шака си ја лижеш изгубената радост и ја ишкаш смртта од струните на виолината ноќни сенки излетуваат од акордите на вердиевиот реквием и им ги бришат челата на публиката лачени ноти скокаат низ историјата и се потат во чевлите на диригентот звуците на животот како лилјаци се удираат од ѕидовите на вечноста од суво усте лушпе ореово се разлева кон реката вердиевата чаша вино отаде реката последна причесна и школки на суво - на клапнатите музичари им намигнуваат.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Не е лушпе ореово па дур трепне да го смачкаш во шаката.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
И со текот на времето, ципата со која бил обвиткан, започнала да се стврднува, да добива лушпа слична на големо јајце.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Но, кога ги отворија раниците речиси беа полни со јатки, а лушпите ги изнапикале под еден примитивно направен кревет.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Се сеќаваше на долгите попладниња што ги минуваше со други деца претурајќи по контејнерите и по купиштата смет, пребирајќи лисја од зелка, лушпи од компири, понекогаш дури и суви корки леб од кои потоа внимателно ја гребеа нечистотијата; и чекајќи да поминат камионите што одеа по одредени маршрути, за кои се знаеше дека превезуваа сточна храна и од кои, кога ќе потскокнеа на тумбите од патот, понекогаш испаѓаше по некое парче маслена погача за стока.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Мажот е желен, жената пожелна и така во недоглед возбудата на раскажувањето живнува јазикот е топол како крв ласцивен кога бликнува опсцен кога засирува јагула-јазик совршен и кога е разголен без кошула без лушпа како од матка изведен!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Им реков: Слаб сум и за кајче од лушпа на лешник.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Да се распукне лушпата и пилето да излезе во суровата реалност.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Никој не сакал прв да стане предавник и да се склопча во лушпата на сонот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тоа е некоја посебна доба во која грдоста и убавината се искинати и измешани, потоа врзани како алки на синџир, доба кога на човекот, стиснат во лушпа на треска, му е сеедно дали е во окното на сонот или на јавето, или најпосле, лежи помеѓу нив како меѓа на која 'рти од коренот на минатото една сегашност, секако поинаква отколку што тој можел да ја замисли.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Во хаосот околу нив лушпи од ореви, допушени црноглави гасеници во пепелницата, лепливи лочки ликер и нејасни привиденија со недооформени лица.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Веднаш почнува да чита:...зад твоето лице постои сешто, зад моето лице е и твоето...треба да имаш доволно шапки...(со левата рака го зема преполнетиот пепелник)...знам дека постојат големи слабости...случувања имаат свој од...(ги истресува догорчињата во ќесето врз компировите лушпи и неуспешните страници од огледот за Калвино)...ги броиш пукнатините на таванот (навистина ги има)...чувствуваш ли како од овие писма се ткае приказна...
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Темните лушпички светкаат. Имаат прекрасни форми; и копчињата на сложените очи покажуваат геометриска прецизност која го премавнува мојот поранешен ужас.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Но животот, што почнал така, зел да одминува, се затркалале една по друга годините, а далчниот свет како да ги цедеше преку триста сита добрините, што можеше да му ги искамчи за себе со своите ноктиња еден таков ситен, загубен човек од планините, останат калџија во мајсторските тајфи до својата четириесетта, по скелињата, со рамото, што му паѓало сѐ пониско од тешката копанка, што ја искачувал нагоре по тие дрвени конструкции, од под кои, како пилето од под лушпата, еден ден се излупувало и почнало да живее едно ново здание, секогаш наново, во бескрај.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Некаде помеѓу белката и жолчката на космичкото јајце, пулсираше живиот човек, со огромен потенцијал од битија, во зачнување, но никој не беше моќен да досегне до лушпата, уште помалку, надвор од маргините на космичкото јајце, надвор од моќната обвивка на Земјата.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Само одвреме-навреме се веднеа и го прибираа сметот; лушпите од портокал беа сосем свежи и Томе не додржа: „Ех, некој неранимајко поминал непосредно пред нас!
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Кога ќе излезеа од бурињата не ги оставаа да се мијат, туку варта да им се засуши на кожата, да им направи тенка лушпа како од јајце, да ги заштити.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Не, тоа не беше Пенчо. Тоа беше лушпа, убава, цврста и привлечна што во себе крие сува и начната јатка.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Јас ја обожувам баш лушпата. Кога ќе ја лизнам со јазикот ми се суши плунката и се наежувам.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Повеќе