макар (сврз.)
Не можеше да смисли макар што за да се одбрани од што и да било.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Може да се рече дека тие беа по исклучок погребани во рисјанските гробишта, макар што некои тврдеа дека Алејата на великаните е излезена од верската линија.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
А Бисера, колку го виде оти ја симна шапката и почна да се крсти, избега и не се обѕрнува назад, оти поп кога колне не треба да го гледаш: макар и другото да колне, клетвите го фаќаат тој што е крај него.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Секоја сабота навечер го палеше кандилото пред Христовото распетие, таму, во дното на малата соба, се молеше за здравјето и за среќата на своето дете и се колнеше дека нема да го пушти синот да оди на печалба во тие проклети земји, макар тука и со корење да се храни.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Да беше иницијативата во востанието грчка или српска и да знаеја тие народи оти востанието ќе биде така силно, не гледајќи на никакви неблагопријатни прилики, ќе објавеа војна, па макар таа војна да се свршеше со полн пораз нивни.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Продадениот интелект мора да брбља разноразни демагогии и да брани одредена опција макар што ни 90% не верува во истата.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Тој не само што ја има усовршено својата дарба внимателно да го сослуша секого со сенешто, макар и најздодевна будалаштина туку е и неверојатно љубопитен, дури и за работи коишто за ништо не можат да му послужат.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Имајте го Младичот постојано на нишан и ако ви се види макар што сомнително удрете со сите куршуми во него, макар и не го убиле Ѓорчета.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Но и овој пат Татко не сакаше да влета во Мајкиниот италијански сон, макар што и тој беше присутен во него, на одреден начин.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Откако сѐ извадија од ковчезите и купија од дуќаните уште дарови не само за зетот и за неговите роднини, туку и за сите што беа поканети на стројот, и се послаа простирките и по должината на целиот двор, пред лицето на куќата, од каде што ќе доаѓаат гостите, таткото нареди да се запалат фенерите на улицата и ламбите во одаите во чардаците, макар што не беше стемнето и се гледаше добро од дневната светлина...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Нејсе уште понајнакрај и кого ќе пцујат и против кого ќе се бунтуваат Сите оние кои сркнале од американската мирудија во секоја чорба И го виделе аирот од извозот на слобода и демократија Макар што нивните татковци сѐ уште ги паметат Трумановите јајца во прав А прав и пепел им се стори слободата сосе животниот стандард А децата им се познати по тоа што во својство на стечајни работници
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)
И јас да сум на нивно место, - си велеше, - да ме будат страшни соништа во кои арамијата ми виснал над глава со нож в раце готов да ме заколе, да гладувам, зашто она што го имам ми го собира некој со помошта на еден јатак , да ми ги грабне некој со крвава пот спечалените пари, да молам да го дадам аманетот на најмилиот од куќата како што беа оние пет лири на татка ѝ на Трајанка, да морам да се посрамам како татка му на Пецета, зашто некој, кога сум бил на мака, ме одделил од најмилото, а јас сега не можам да му го вратам, та и мене да ми се случува сето тоа, - и јас не ќе можам да го здржам бесот, па макар сто пати знаел дека јатакот е јатак, а неговото внуче негово внуче, кое можеби ништо не знае.“
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
12. ТЕ ФАТИ ЛИ ЛОШ ЧОВЕК ЗА ПОЛА - ти сечи ја, остај му ја в рака, макар потоа да останеш и гола бар не ќе си за таква врата квака...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
Еден ден чичко ми му го кажа тоа на татко ми, но во вид на клевета, а татко ми рече: И ти и Љубица играјте и танцувајте, но да бидете пристојни, со секого кој ќе ве покани, макар и Циган да е, но за време на играњето никако не треба да се зборува, да бидете сериозни.
„Три жени во три слики“
од Ленче Милошевска
(2000)
Во Историскиот музеј апсолутен приоритет има прикажувањето на експонати од животот и делото на Водачот, макар што во родната куќа во Ѓирокастро постои и музеј кој му е специјално посветен.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Никој не се осмелуваше да го коригира. Најмалку јас, макар што мене ми беше упатено прашањето.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Сакаш некој да те сака, па макар и класниот непријател.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Таа сакаше да остане крај Крстана, макар да се мачи како роб, сосема да пресвисне, само да не ѝ дојде тој срам - дека мажот ја оставил затоа што остарела пред време.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Таа самата, макар колку да ги сакаше, зеде само едно циронче и долго го мушкаше повторувајќи неколку пати: - Баба нема заби цирони да јаде.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
Само да ги ѕирнам децата, велам, макар од врата да ги видам, велам, макар од преку пат да ги видам и ќе се вратам.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)