мантија ж.

мантија (ж.)

Штабот на бригадата најпрвин гледал без разбирање во човекот под мантија како во чудо дојдено од старовремски атари.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Не знам дали е в ред да се прекорувам себеси дека моите последни навраќања во Книгоиздателството што се наоѓаше веднаш зад Камениот мост биле поттикнувани и од љубопитството да се осветли уште некоја дребулија од минатото на човекот што ја беше отфрлил мантијата?
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Толку се занесе во таа борба со сатаната, кутриот, што во момент на слабост или на лутина, и тоа среде олтарот го изусти и она што никогаш во друг случај не би го изустил за сметка на оној во кого најдлабоко веруваше, ја раздра по сета должина мантијата и ја фрли од себе а потоа, онака разгаштен, се упати кон надојдената река и повеќе не се врати.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Со едната рака ја држи камилавката, а со другата само ја поткрева мантијата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сепак неколку жени го зграпчиле за мантијата и го напикале во тесна плевна заканувајќи му се дека со стапови ќе го испратат гол и со врзани раце до под самиот Црн Врв ако не престане да ги менува среќните мигови на свадбеното расположение. Не се шегувале, усните заканувачки им се кривеле.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Докторе, доаѓаат ли уште во болницата долгобради набожни калуѓерки со библија в раце и гонореа под мантија?“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Од полуотворените врати на секаквите куќи кон мене зјапаа баби со лица на црцорци и тапонски агенти: оџачари со мердивани за да погледнуваат во туѓи прозорци, попови со оружје под прешироките мантии, предвоени пензионери на патерици и во излижани облеки на риги но со полициска цел во голите и збрачкани тикви, маслосани асфалтери со замачкани муцки и со душоваднички нокти на прстите, пожарникари, лажни студенти на државни бицикли, продавачи на зашеќерен сусам.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Подобро да дојдеш отколку да останеш, ми вели и го брише ножот од мантијата на отец Висарион.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тоа се случило во последната година на деветнаесеттиот век, пред Велигден на седум или осум дни, еден наспроти друг стоеле крај жолта чеза со спрегната кобила и со бело ждребе - црвенокосиот бег куп стврднато нишеста во кожа и облека и попот Зафир Јосков Вртипоп, испотен човекојадец во долга мантија, и се искажувале почести како двајца великани, првиот со имот и власт, вториот со знаење да ја надитрува смртта.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Затоа, испиен и невозможно аглест под излитената мантија со боја на исчадено вишново дрво, го оживувал стравот на Откровението од многуглавата Библија: Фиданка Кукникова еднаш се заколнала на верност пред олтар а маж ѝ е жив, скита и се откупува од гревови негде, ќе му побелат очите од печал и копнеж, ќе се врати на своето парче камен во некоја од пештерите и ќе му се пожали на господа - делкав по светов крстови за твоја слава, зошто ме фрлаш во нови искушенија?
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И тогаш бегалецот од турската војска со исечени три прсти на десната рака, Татар или Монгол или Черкез и присилен левучар, им се предал на востаниците со посредување на попот Зафир Јосков Вртипоп, и самиот востаник со фишеклии преку искрпената мантија, со мавзерка, призренска кама и сребрено распетие, им се предал и го бакнал белиот коњ во двете ноздри.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Без објаснување во себе и за себе, темен и тромав, неприродно наведнат над живото петно во мантија, со претчувства барал да ја прочита вистината од челото на заспаниот, најпосле, навистина, куќата горела, некој пуштил од дланка пламната птица врз 'ржениот покрив, Гавруш Пребонд или попот Панделиј Каламарис, и тој станал бескуќник; спиел во тесниот дом на шурата Адам Лесновец, јадел негови компири, благословувал на софра со негово вино и осамен бил: не му треба жена, топло месо под ленена кошула и подвижни мали дињи под кожата на градите, му треба мајка на двете негови деца.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
А кога ќе отидеш без среќен ти пат, не ќе ти текне веќе да се вратиш. Најпрвин мантијата.“
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Попот, згрчен во стуткана мантија, дремел чучејќи, во мудречко исчекување бил чиниш, луѓето околу него да побараат тој да им пресуди.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Оделе претпазливо кон челната двоколка и не знаеле дали гологлавиот човек со попска мантија под кожувот е мудар советник на туѓоселани или е дневен грозоморник што им смислил стапица.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Доаѓал во бела мантија и во чорапи од козја кожа. На вратот му виселе недоза’рѓани клопотарци.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Го виделе: станал и се тетеравел кон некаква крива колиба зад манастирот со чекор како да ги извлекува козјите нозе од глекаво калиште додека мантијата, црно знаме на жив костур, и без ветар потрепетувала.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ако можев да убивам за да не бидам убиен; ако можев преку нишанот да ја решавам мојата судбина а не преку божјите заповести и светиот крст, беше дури и праведно да ја ослободам мојата мантија од душевните прегрешенија!
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Не се крстеле - ќе ја скршат тврдоглавоста на човечето во стуткана мантија и ќе ја омажат осаменицата, Доце Срменков не се стопил во капка восок за да не може да ја обогати со рожба.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ја загутавив под мене, попски. Тогаш носев мантија.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Повеќе