матен (прид.)
Матната влече лисје, гранки и трупци, тркала камење, во суводолиците матно и лудо клокоти дождовницата.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Градот е брз, градот е хаос полн со урбани легенди лажни јадни безделници што дремат на кафе во полни кафеани со душите гладни Рурални фаци со вратоврски во трка по бизнис и зделки матни циганчиња боси навлечени на лепак дрпаат случајни минувачи и странци
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Тој сакаше да го прегрне човечецот со долги и немирни прсти(овој пак се обидуваше да не дојде под обрачот на големите раце) и раскажуваше за природата и за гасениците најмногу за некој Чарли Краков, или за призрак на опачината на неговата потсвест, на нешто што е натсвест и живее вон од него, вон од неговата матна мисла, нешто на што зборовите и му го градат и му го одземаат обликот.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Им ја дели мислата и остава празнина во нивното матно чувство за слобода.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Матната светлина на малата електрична сијалица придонесуваше за мрачниот изглед на собата.
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
небото над Македонија наеднаш стана матно и исчадено како чаден свински бут а кајшто небото е матно и работите се матни и луѓето стануваат матни: под матно небо тешко се наоѓа некој за асолни нови планови.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Лист по лист кини лист по лист нижи лист по лист превртуј, притискај, лист по лист милно, таговно реди и на долга низа од капки пот и надеж со клетва и зелена јад, со корав поглед на очите матни по кревките лисја ж'лтозлатни прикаска горка на живот клет нанижи безгласна а така јасна.
„Бели мугри“
од Кочо Рацин
(1939)
Како што тој ќе ја присегне раката така жена ми му принесува друга чаша со вино и како што тој ќе ја испие така потечуваат матни загадени води што го преплавуваат Балканот.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Во олку матно време не се пее само за поскури.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
И пак стрелал со своите четири пушки стискајќи секакви крпи врз раната и со матно сеќавање на мајчините прикаски за араратски осаменик што со своја крв поел некаква земја што можела да се протега и во Библијата и во Коранот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Ако во неколку моменти престраши да се подзагледа, сепак ништо не виде зашто веднаш почнуваше да му се врти во главата и пред очите му стануваше матно.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Калдрмата на мртвата улица беше покриена со жолт матен превез, беше стисната меѓу два реда кулиси.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Денот ли дојде тој да се мери - мерка му нема, а в градите длаби без да се запре, без дно да најде не тага а клетва, и во очите матни и не сакајќи сама се дига фуријата.
„Бели мугри“
од Кочо Рацин
(1939)
Од нејзините ноздри капе матно сребрена месечината.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Тој не зеде никаков удел во матните работи кога се случуваа немилосрдните и користољубиви конфискации и национализации коишто одеа до бесмисленост, кога неговите колеги се вселуваа во куќите на богатите присвојувајќи ја покуќнината и сѐ што ќе стигнеа.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Ако тие потребности на поданиците не се зачуваат и ако Турција продолжува да биде неискрена во прилагањето на реформите, тогаш од тоа ќе: настрада најмногу пак таа: 1/ таа ќе биде принудена со сила да воведе некои реформи, 2/ ако и потоа населението не биде оградено во национално-религиозен и економски однос, тогаш тоа ќе го искористат непријателите на Турција да направат брканица во Македонија за да ловат риба во матна вода.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Вода дождовница ги полни рововите. Шлапаат во матната и ја месат со калта.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Надојдени матни води урнувале мост помеѓу два брега. Така и се случило Кара-Демир попаднал во некој дервишки ред да се боде со клинци и големи игли со диви молитви, како да се казнува за предавство кон исламот или кон долгогодишното пријателство.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Сфатив дека треба да се спасувам што поскоро додека матните води не надошле.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Ништо не е сигурно во олку матно време, му рекол на клисарот.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)