мишка ж.

мишка (ж.)

Меѓу нас се пикнува едно момче со некое врзопче хартии под мишка и само нѐ гледа.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Еден друг ден кога татко ми си дојде на ручек, видов како носи под мишката една необична книга, и откако се помисли каде да ја стави, ја отвори вратата од шкафот и ја остави таму.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Можеш да си валкан, нечист, неиспран, значи да имаш нечиста кошула, нечисти чорапи, нозете да ти смрдат, од мишките реа да испарува, лицето да ти е валкано, цел да си валкан, на буниште да личиш, ама пушката, е, пушката, братко, задолжително секогаш мора да е чиста.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Пред да експлодираат кокичињата Се лизнав и паднав и станав и со лопата го фрлав снегот преку рамото на улицата* тркалото шлајфуваше* во машината за перење алишта се цедеше потта од мишките на улицата и смрдеата од устата на ѓубреџиската кола чие тркало шлајфуваше во длабокиот снег* децата дојдоа со везени пиперки и со друг зарзават и со тенџере и со метла небаре ќе прават вештерка а не***
„Три напред три назад“ од Јовица Ивановски (2004)
Уште сака сам да си ја пресече главата и сам да си ја носи под мишка.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Братучедите ги префаќаа за раце, за мишки, за рамена, ги влечеа, ќе почнеа и да ги туркаат.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Станаа какви што ретко можат да се видат во светот: во едната имаше илјадници ситнурии и матракулки: од игли за плетење и крпење до часовници што некогаш имале разноразни задачи: да ѕвонат, да тикараат, да гукаат на ѕидови и да се тресат по мали џепчиња; па потоа конзервички и тенеќиња со шарени обвивки и со натписи што можеш по цел ден да ги читаш и да не ги протолкуваш; шишулиња од разни големини и дебелини, кои можат да се носат воврени во прстите или пак наредени како цевки под мишките; белезички, прстенчиња, ножиња со рокчиња, шарени стомничиња, свирчиња, а потоа: рачки од чадори, поткови, бургивчиња, тркала од колички, панаѓурски штракачиња и што ли не.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Дојде откај грмушките. Под мишката носеше некоја голема книга а во белото шамивче имаше набрано капини.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Ја извадив некако од креветчето и влечејќи ја под мишка трчав со неа пак по скалите.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Позади нив е кумата со сито под левата мишка покриено со шарена свилена шамија, вади од него овес помешан со бонбони и фрла над главите од младенците.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Низ гужвата почуствував некоја мешавина од евтин парфем и испотена мишка, но таа смрдеа и не беше толку страшна колку онаа духовната која лебдеше низ воздухот.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Тогаш од купатилото се врати Азра која во меѓувреме со ладна вода се испрска под мишките и меѓу нозете и гласно негодуваше за шиштењето на славината над кадата.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Под него остана локва крв и Толе виде дека палтото на убиениот беше продупчено под двете мишки.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Еден пијан гробар се занурка над гробот и луѓето го задржаа, фаќајќи го под мишките.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Гранките се наведнуваат крај мене, ме дрпаат за алиштата и ме стеснуваат од мишките надолу.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ко зрна пченица ми капат под мишките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Со благост ме фати за мишка, можеби сакаше со допир да ми докаже.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Дневникот ретко го раскрилуваше во доцните часови на ноќта, ама една тетратка постојано имаше под мишка било каде да тргнеше.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
БОГДАН: (го носи под мишка Пијаниот. Овој је раскрвавен на челото и се порева).
„Гладна кокошка просо сонуе“ од Блаже Конески (1945)
Ќе ме фатат жените под мишка и ќе ме држат над пареата, ми кушаат. Неколку дена така.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Повеќе