многуброен (прид.)
Турското господство во Македонија ќе се зачува само тогаш ако во неа има многубројно население што ја гледа својата благосостојба обезбедена само под власта на Турција.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Овде се произведуваат дизел-мотори и одовде се транспортираат многубројни електрични уреди за домаќинствата и мерни и регулациони инструменти за индустријата.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Се гордеат и со спомените што ги остави селското културно-уметничко друштво кое со своите многубројни настапи низ цела Албанија и учеството на разни фестивали во земјата ја ширеше македонската песна и оро.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Крушата гордо се креваше над црвените покриви на куќите и над многубројните дрвја околу неа.
„Маслинови гранчиња“
од Глигор Поповски
(1999)
Кога ќе се почне од многубројните убијци, обични и необични крадци и провалници, коцкари и алкохоличари, морфинисти и секакви измамници и перверзни личности, па сѐ до случајни тепачи, незаштитени жртви на интриги, повлечени во себе но фанатизирани следбеници на учење и секти што ветуваат човечност, мир и братство таму каде што ги нема и не може да ги има, пишувачи на сатири што ги погодуваат властодршците, злојазичници и шегаџии, сиот овој затворен и заборавен свет живееше засебен живот.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Оттука е јасно оти ако новото течење и не добие некаква поддршка од многубројната интелигентна македонска колонија во Бугарија, пак ќе се развива, само ќе се развива веќе како течење насочено специјално против бугарските интереси во Македонија.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Да не мислиш на многубројните игри со зборови во повеќето од расказите?
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Чудесниот езерски пејзаж го дополнуваа многубројните птици од различен вид.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Во гимназијата и на универзитетот Хегел не покажувал никакви знаци на исклучителни способности, бил повеќе прилежен и уреден колку што обдарен, и по се изгледало дека ќе стане еден од просечните доценти на некој од многубројните немски универзитети.
„Значењето на Хегеловата филозофија“
од Кочо Рацин
(1939)
Навистина, идат Евреи и во овој град како по сите градишта, но не во тој нивни празничен ден во кој што не работат, ами ја прибираат вересијата од своите многубројни муштерии.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Во акчилниците пак нудат многубројни јадења, кои пред самиот муштерија се готват и се сервираат.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Исмаил бил од оние многубројни Турци и Европејци коишто уште не можеле да се убедат дека Македонија има сѐ повеќе луѓе што се фанатично предани на ослободителното дело и се готови во секој момент да се саможртвуваат за својата татковина.
„Солунските атентати 1903“
од Крсте Битоски
(2003)
Светкаше во вид на многубројни змиести пламенчиња.
„Омраза - длабоко“
од Драгица Најческа
(1998)
Растргнат од многубројните неуспешни обиди да направи слика, сликарот сега првпат осети нејасна радост од средбата со онаа непозната мома, која секое утро поминуваше со својот сад, му пожелуваше добро утро како на стар познајник и си одеше пак нагоре тихо, незабележано...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Камилски се задржа и на многубројни лексички траги во балканските јазици на занаетчиската терминологија.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Од дотука реченото се гледа: прво, оти ако по нашите сегашни етнографски сфаќања на Балканскиот Полуостров, особено на централниот и југоисточниот негов дел, т.е. во денешна Србија, Бугарија, Тракија и Македонија имало и има само две словенски етнографски единици – српски и бугарски народ, тогаш тоа уште не значи дека нема, немало и не може да има друга словенска единица, а напротив, дека нејзиното постоење е во пределите на возможното и на реалноста; второ, дека во Македонија нема две јужнословенски народности – српска и бугарска, а напротив дека во неа има само една народност со свои особини, коишто или претставуваат нешто оригинално што се нема ни кај Србите ни кај Бугарите, како што е, да речеме, со многу особини на македонските наречја, или нешто што се има и кај Бугарите и кај Србите или коешто се има само кај Македонците по краиштата на нивната татковина и кај Србите, или пак по нив и кај Бугарите, и дека од тие особини на Македонците, како дел од словенската група народи, најмногубројни, најраспространети, заеднички за сите Македонци, значи и најважни се тие особини со кои Македонците се одличуваат од другите словенски народи: по нив Македонците фактички составуваат одделна и самобитна словенска народност, иако за неа денеска не се зборува во науката и во секојдневниот разговор; трето, дека причината за тоа игнорирање и затемнување на постоењето на македонската народност се крие во постоењето на името „Бугари” во Македонија во етнографско значење и во експлоатирањето со него од страна на Бугарите.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Многубројни чекори се разнесуваа низ дворот.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Покрај многубројните објекти во барок и рококо стил, или објекти во еден тежок современ стил од кој може да зрачи достоинство и студенило, овде архитектите, во какафонијата на семожните геометриски линии, со бујна фантазија доловиле неверојатно складност на старото со новото во градежништвото и со тоа, навидум, како да ги демантирале сите закони на физиката...
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Сеќаваше како пријатно го галат меките тревки, како му ја нудат својата миризба шареноглавите цветчиња и како го гледат и му се радуваат многубројните бубалки.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Лозан Перуника се разбудувал со чувство на доаѓање од свој вилает на кратко спокојство во туѓ атар, од возвишеност во свет на диви мириси и заканувачки гласови околу кои се протега на дива површина многубоен мов со змиолики пипала што се појат со супстанци на сѐ што дише и го одржуваат стравотниот живот врз туѓо уништување.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)