модрина ж.

модрина (ж.)

Од кај исток се распука модрината на ноќта и небото прво зарудеа во црвени пламења, а после од некаде зад планината изрони и усвитеното коло на сонцето, кога бегалците избија на прашниот белузлав пат што се извиваше како змија по грбот на планината.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Таму, горе, по белината на скаменетиот снег, по која што се распознаваа траговите од јазиците на ветерот, почнуваше да зацарува некое волшебно усвитување, и тој знаеше дека тоа го носи оној сега сосема неразбиен бран на виделината, што продолжуваше да надоаѓа од зад планините, додека во сенките под него сѐ уште лебдеше густата модрина на ноќта.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Полека потемнуваше синото око горе. Се исцеди од него светлината и во неговата модрина се собраа треперливи ѕвезди.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Не мислеше ништо, не слушаше шум, а земјата под него се лулееше како езерски бранои; му се стори како да се наоѓа на каик, а модрината на топлата летна ноќ му се причини како лесно разбуричкани води на мирното езеро.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Темниот удар на крилото темно ја сече модрината. Блеснува на студенилото рибата в клунот раскината.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Речиси и пред да имал време да смисли нешто со што секогаш бил поинаков од другите, пркосен, брзоплет, во бриткоста како штотуку симнат од точило, се свртел да ја гледа во далечина темната модрина на небото.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Доаѓаше ли од темнината на шумите, од височината на ѕвездениот свод над мене, од модрината на далечниот океан, од мирисот на смилот и мајчината душичка во Одајата со чаеви, или од длабочината на моето срце?
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Па со поглед што блика и зрачи, потонувам до дно во модрината, и кликнувам пак на убавината: Прострелај ме со своите лачи!
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
И секоја пролет, кога ќе расцутат првите јорговани чија модрина се истура и во Мајкините градини од нашите одамна напуштени куќи, над кои пловат облаците на семејството, меѓу небото и земјата, небаре исто како во сликите на Шагал, во мене се враќа споменот за Мајка.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Небото, чисто и недогледно, полека го разблажи мракот со блага модрина.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Планините раснат, се напрегаат да ги кренат острите грби, сакаат да видат кој чекори над длабоката модрина на долот, чиј е страшниот извик нечовечен и нејасен, што станува во оваа стуштена и матносребреста наквечерина.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Потоа почна да потемнува. Над неговата модрина изгреа првата ѕвезда и уште пред да се слее планината со небото, овчарите ги потераа овците.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Лежевме в трева зад црквата на светата брачна двојка Константин и Елена и ја пиевме со очи модрината на небото.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Во таа чудна суводолица, ни рана на заздравување, ни болка, ни спомен на болка, во сета нејзина издолженост, до работ на острата вилица, лежела зимска модрина на истинато месо.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Низ модрината, ишарана со живо подвижно сребро, човекот го носеше својот непријател, се лизгаше, застануваше само понекогаш да определи на прав пат ли е и се пожалуваше на планинската моќ.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Силната мисла, во која се спојуваа свеста и потсвеста, ме пренесоа во тих, син сон, споделен со езерската модрина и тишина.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Низ модрината, ишарана со живо подвижно сребро, човекот го носеше својот непријател, се лизгаше, застануваше само понекогаш да определи на прав пат ли е и ѝ се пожалуваше на планинската ноќ.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Беше згора над таа модрина, високо горе, заедно со тоа заискрено утро, ѓаволски добро за лов на диви кози, со сиот тој тврд снег и со сиот овој раскош на разденувањето.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беше како целиот свет да бил отсекогаш само една таква кобна осојничава модрина, во која синото се разлеваше, сѐ посилно пробивајќи се и преплавувајќи сѐ друго со својата мртва потечност, и само некаде таму, напред, зад сето тоа, стои некаква топлинка, што те влече.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Планините раснат, се напрегаат да ги кренат острите грби, сакаат да видат кој чекори, над длабоката модрина на долот, чиј е страшниот извик нечовечен и нејасен, што станува во оваа стуштена и матносребреста наквечерина.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе