мртво прил.
мртов прид.

мртво (прил.)

И уште ми кажува дека треба да извршиме попис на луѓе и на добиток, на живо и на мртво.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Стариот материјализам со својот чисто емпирички метод никојпат не можеше да го види нивното единство, нивниот премин една во друга, па затоа неговото познавање на објективниот свет и на општеството беше ограничено, неполно, мртво.
„Значењето на Хегеловата филозофија“ од Кочо Рацин (1939)
Ноќта е црна постава на денот што се превртува како маскарада Таа е темната утроба на гласот што низ сите ѕвезди везе молчење Најмногу ги сака постелите кревки сред шумниот мирис на боровите Интимна е тогаш и гола како страст што низ смеа мами вечна тишина Па ако тлее нешто живо во неа ќе пеам што мртво не е уште сѐ
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Сѐ во тебе ќе биде мртво.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
На тој смрзнат Бадник, таинствено завиткан во жолта гуња и ретки крпи магла, сликата минуваше пред човекот мртво се огледуваше во неговите очи: тој беше слеп за сѐ околу себе и газеше како смрт, не можеше да се сети како стана сето тоа?
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Сѐ беше мртво во неа.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
кој знае да свири на гајда, прашува со полна уста јадење, и ние со очите го предаваме Флорина Богданоски и Флорин ја донесе гајдата и ја наду и војниците почнаа да ѕенѕаат со газот и тогаш се налути тој старшијата и од раце му ја дрпна гајдата на Флорина Богданоски и, гледај како се свири, му вели и ја дуе гајдата одново, му се црват образите, му се шират како и гајдата, и војниците стануваат, се фаќаат околу трпезите црквински, пијана работа, се фаќаат околу трпезите и после нѐ натераа и ние да играме, а тој свири, беше знаело мртвото, ако војник, беше знаело да свири и ние се фаќаме, било пишано да играме пред мртвите,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Пуштената рака со бели прсти мртво падна на тврдата земја.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Тоа Бошко Манев го исплаши уште повеќе, та почна да му се моли на Дика и да го колне во сѐ живо и мртво да му помогне некако, па нека сака што ќе сака.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Стотици мртви и еден коњ, премногу за тоа запурно лето без гуштери на излишавените карпи, сите до една слични на згрчени чудовишта, еднаш, кога и да било, ќе се тргнат од летаргија и ќе појдат да се хранат со човечки коски.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Сето минато ми оживува, а сето е мртво.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Над нив мртво лежи лилав и сив темен облак.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Имаше тепање, улогата му даваше шанса пред сите на мртво да го претепа ранетиот партизан, Кејтеновиот син.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Ѝ даваа селаните и покривачи и перници, виљушки и лажици, чинии и чаши, чорапи, фанели, кошули... и немаше ден камбаната да не удри на мртво и се пренесуваше дека тој и тој загина и плачење се слушаше секој ден во селото.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Лицата им се грчеле - црно и бело, биле ту негатив ту позитив на една глава. Мртво гледале кон трите запреги.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Срнчето беше мртво. Главата му беше опуштена, олабавена, а очите широко отворени и замрзнати.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Трагајќи по сопствениот идентитет, тие ќе дојдат до извонредно актуелни сознанија дека јаничарството, како вид на одродување, и денес воопшто не е мртво.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Тие денови, додека траеше господството на вошките во домот, сѐ, сѐ беше мртво.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
На таа страна планините мртво лежат под облачното виме; удавени се во сиво млеко.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
- Ела мртво, пак колвај, ѝ вели на кокошката што се прпелка, и пак фрла пченка.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе