набабри св.

набабри (св.)

Како што беше вистина и онаа пролетна утрина, додека на горниот крај на селото се собираше тајфата печалбари пред заминување, а тука беа и тапаните, веднаш тука, на ледината крај патот и младичите го играа Тешкото околу нив, а тој беше со татка си скраја и мајка му молчеше крај нив со црвени очи; тој беше накитен со низалки костени, јаболка и по неколку ореи, првопратено, додека мајка му му шепнуваше „Змејко сине“, а тој можеше да види како му се стегаат на татка му вилиците и како сите мускули набабруваат и се скаменуваат под поцрнетата кожа на неговото лице, исто онака, како кога беше многу лут татко му, но Змејко сега можеше добро да знае дека тоа не е од никаква лутина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Устата пак ми е преполна со младо сирење набабрени јаболка и зрели црешни и пак ми се чини дека на стариот стрвник сепак му недостасува последниот залак.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Имаше впечаток како сѐ околу него да набабрело и прокапало, дури сега можеше да ги види и да им се радува на покапаните капавици од својата стреа, што се цедеа во густи шурки и ја длабеа белината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Облечен во бела припиена кошула која му ги оцртуваше набабрените мускули на градниот кош, некои фраерски фармерки со искинати џебови и патики по најнова мода.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Последниот глас, тој штрбав тенор, потсетуваше на зовриена течност во огромна епрувета и панично делуваше, и тој знаеше дека смртта не треба да ја молат, кога е веќе негде над нив невидлива и пак спремна да влезе во хазардната игра како вечен играч и вечен добитник, да спечали, зашто растеше врз врелината на омраза и ги набабруваше како меури многуте побунети очи.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Најпрвин таму пребледува небото, станува розово, црвено, набабрено со пурпур и чиниш одеднаш ќе потече црвенило и ќе ја облее засенчената страна на планината.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Се истопи снегот, се потсуши земјата и набабреа пупките на дрвјата.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Мече ја крена десната нога, лицето му се грчеше од болка и уплав: меѓу прстите му се беше впила голема набабрена пијавица.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
На деда Богомил земјата ровка, мека, набабрена за род, со страдна душа чека ударите ни јаки со мотиките остри по троскот пелин трат!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Да се чека зрното да набабри, да пушти белузлав секрет, и да омекне.
„Најважната игра“ од Илина Јакимовска (2013)
„Сите новонасадени дрвца се фатиле: гранките се свенати а пупките набабрени.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
И кога по неа набабри втора врз зеницата на Пандо, се подигна старечката рака и дланка рапава, жилава, ковчеста, но бодра, ја откинува за да не остави лишај на пониженост.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Јадар и плеќест, неговата тркалезна глава беше обрастена со бујно навиткана коса која му се мешаше со исто така бујната брада. Усните му беа набабрени и напукнати.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Сѐ набабрува, буи, и тоа вознемирува. Се насетува доаѓањето на топлото и раскошното.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Додека ептен не се стемнило редно е да се потроши уште некоја насмевка и да се направи уште една пируета во бескрајот на детството секако ќе има време да се забрише и правта од чевличките, малите бели чевлички па сите срамежливи погледи и палави мечтаења и сновиденија да се стуткаат како алишта во куферот има куфери што набабруваат од насмевки пред за последен пат да застанат на перонот на црната неизвесност тринаесетгодишната ханичка брадјова тринаесет пати се закашлува пред да се качи во возот кој има само последна станица ханичка тринаесет пати се сврте кон багремите кои од навика чекаат нова пролет за расцутување фрли поглед и на омиленото бело облаче на кое гулабицата неуморно павташе над седалото за недосмеани насмевки.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Мајка пак, желната, умре млада. Ја фати некое чудно болестиште, ѝ се поду кожата, отече целата, се набубри.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Крвта не течеше толку колку што набабруваше и тој употреби една ролна тоалетна хартија за да ја запре.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Пет крвави искри на пет зглоба и пет пцости на сувите, набабрени усни, со пет именки во црно завиткани - бог, и природа, и мајка, и смолара, и сопственото семе.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Само белите усни малку набабреа задржувајќи долго душено кикотење. „Никола“ , викна и се наведна над белиот лик со танко црвено конче на обата краја на устата. „Никола, јас сум, Отец Симеон.“ Шверцерот и веселникот ли?
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Почнав да чувствувам и болки. Зрното внатре набабруваше, притискаше.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Повеќе