навее (св.)
а надвор веќе почнуваат да паѓаат снегулки, ветрот само ги врти во воздухот, ги пушта и ги втасува, одново ги завраќа назад, си игра шукшуле, што се вели, ги развева како цут од дрвја што се кубат, кој ќе пушти глас, ќе го наполни морето, ни викаат и бродот застанува, а ние молчиме ко глувци во дупка, ги слушаме само чекорите озгора, одат над нас небаре на глава да ни газат, и бродот одново тргна, сега можете и да пеете, ни велат, кај се пеело пикнат в дупка, си велиме, отсекаде бучи клокоти, и гледаме надвор, снегот си навева и се топи, се губи во водата, ако запреме во Костанца, ќе нѐ водат во Букурешт, си велиме и приѕираме во ширината што ни ја затвора снегот, и Костанца ја изминуваме, нѐ водат право за СССР, не ни заспала среќата на сите, вели Апостол Макаровски, сите со нечија среќа се шверцуваме, вели, ќе му украдеме уште некој ден на господ, и почнува некој студ да ни влегува низ процепите од бродот што се отвора однадвор.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Но пените на пролетта од светлоста навеани се топат и гинат во тревата под која земјата расте и над нив сега се вее зелената џбунка на небото што го навестува родот донесен во сведенот на ветрот.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Ветерот ѝ го посла цвеќето по дворот како да навева снег.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Аријата навеваше умирање на една младост.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Ноќта навева мирис на далечни снегови што се мешаат со благата пареа на тревата кон месечината што чади.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Наместа снегот, натрупан по дебелите стебла и гранките на буките, сосем ги скриваше дрвјата, некаде пак каде што тој не навеал добро или се одронил пред време, се покажуваше црнилото на испреплетените стебла и гранки.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Ја газам оваа магла, оваа есенска што лази по грбот мој и `рбетот на градот и што навева студ и сивило во чекорот и што навева спомени на нешто зелено зелено Ја газам оваа сива улица што се проѕева со своите влажни штрбави вилици што гребат и што се бесат за првите пробудени звуци на утрото и што се јазат по кревките и високи скали на смевот
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Можеби можеше да најде начин да го задржи Бојан, но се плашеше да не згреши, зашто до утре можеби ќе навее голем снег, па неговото враќање во колибата во Гогов Валог би било уште потешко.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Ветрот веќе почнува и првите снегулки да ги навева. Небаре иглици, небаре пулајќи.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
— Ќути да не се врате да чуе па да не запале овде сете да изгореме, како глувци! — вели стрико му Куле и почна да го советува да не си го брка касметот што му го навеал господ, благодарејќи на милоста од бегот.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Шетам и погледнувам кон прозорецот, навеан со снег.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
а возот само си пуфка, си штрака на шините, и од тоа не се слуша многу нашето викање, грми, не чувме и кога грмнало небото и туку - удри еден дожд на вагонот, штрака, така, така, така, како да работи машина за шиење, ако си чул, ама кај ќе чуеш, кај нас се шие на рака, колва озгора дождот, и почна да претечува од тоа отворчето одозгора, почна да капе, да навева и ние се креваме замелушени, ги креваме главите, зинуваме со устите и чекаме водата да ни капе на јазикот, се поттурнуваме така подзинати нагоре, ко штркови во седело, а дождот си шие одозгора, си колва и нѐ понакрева, нѐ наживнува, ама после не се легнува во сламата, сламата се раскваси и сите болви наскокаа на нас, ни се пикаат под пазуви, под гуша, под ногавици, и боцкаат, дупат, ти ја пијат крвта, тоа што останало од крвта, колку едно песочно браздиче, и така паткаме, два дена и две ноќи паткаме, а може помалку, не знам...
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Пискотници се слушаат од Галичник до Река, што тешка несреќа ги збра и мажите, и жените, та гласи тажна ека и навева сал коб и зла?
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Тажни се заодите на Бел Камен. Болка и тага навева погледот кога се постелува на костурската шир и отаде на Вичо и Сињачка.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Троа од воа, троа од ноа, нека ни се живи дечињата и некој к'смет да му навее господ на браче Трајка и браче Илка, ќе си поминиме.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Момче убаво да ѝ навее; свекор и свекрва умни, разумни и живот со неј да си помине. Татко и мајка да слуша.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Проверките што ги направија по официјални канали навеаја извесност дека Цви не е во Једи-куле.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Бојан ги гледаше овие мени на природата и сето тоа му навеваше тивка тага во срцето.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
И пак подзасилен бран поттурнат од друг што навева зад него, нанесува облаци ситен правлив снег и пред неа одново за миг расте наметот, ама новиот бран ветер го разметува, развејувајќи го снегот прудолу по трапиштата.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)