надгледува (несв.)
Како да присуствувам на час по географија на кој професорот изведува чудесни нагледни експерименти во кои цели континенти ја менуваат својата местоположба, а јас како повластен претставник на некоја непозната организација ја имам таа чест да го надгледувам извршувањето на овие големи преселби.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Покрај тебе стојат војници и те надгледуваат. Само викаат и со прстот вака ти прават.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Доволно беше дека таа го надгледува.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
(Напоменуваме дека на повеќе места во спомнатите манифести тој инсистира сонувањето да биде ослободено од секаков вид следења, надгледувања или да не даде господ притисоци и тортури).
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Најзадоволни беа кога ќе се најдеа во окопите кога не можеа да се надогледаат на ридот спроти нив зад кој се наоѓаше нивната Брезница.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
На луѓето им остануваше да живеат - и живееја, по навика што беше станала инстинкт - со претпоставка дека секој произведен звук се слуша и дека освен во мрак, секое движење се надгледува.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Високиот снег значеше само едно олеснување: добитокот не можеше да оди подалеку од потокот, Бојан не мораше да оди да го надгледува и да го собира.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Долу, во јамата во која бев, двете први групи ги надгледуваше само еден гардист.
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Таткото на невестата у непотистички манир го вработи зеткото како шеф во неговата градежна фирма каде удираше штембили и ги надгледуваше работниците.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Хоризонтот да го надгледува
низ лажно темниот процеп, насамо.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Секој граѓанин, или барем секој граѓанин што беше доволно значаен за да биде надгледуван, можеше да биде изложен по дваесет и четири часа дневно на будното око на полицијата и на звукот на официјалната пропаганда, додека сите други канали за комуникација беа затворени.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Бидејќи вон сезона, тој навечер се прибирал во селото, а само дење го надгледувал манастирот со црквичето и конаците, колку што можел.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Ќе ја надгледувам. Ќе наслушам дали дише, дали е уште жива. А таа не знае ништо.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Затоа оваа поезија е неуморна: сето време, без престан, го надгледува претурањето од мислата во јазикот на своите говорители и чека „инцидент“ сѐ дури самата не стане тоа што го чека: инцидент меѓу мислата и јазикот чијашто разврска мора да биде во интерес на мислата, што значи јазикот треба да се шири и да се растегнува, постојано да се долева и полни не со водата на Едното, туку со водата што се исушила не сакајќи да се прелее во Другото.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Каде и да се наоѓа, додека спие или е буден, додека работи или одмора, в бања или в кревет, тој може да биде надгледуван без предупредување и без да знае дека е надгледуван.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Уште пред да изгрее сонцето, со прв писок на некоја птица и со ослободување на зеленилото од темна сивотија, последните стражари, Јордан Шоп и Куно Бунгур, се спуштиле бледи и со набабрени очи од блага височина од која можело да се надгледува околината и ги разбудиле луѓето да побрзаат да се измијат доколку најдат поток и да ги спрегнат говедата што по она малку сено, проџвакано во тие први дни од враќањето, стоеле на своите места со покорно обесени глави.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Во меѓувреме Рада беше префрлена на интензивното одделение каде што наредните неколку часа беше грижливо надгледувана.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Всушност, оваа анализа би покажала дека многу од нашите начини на однесување ја одразуваат нашата соработка во контролирањето и надгледувањето на сопствените животи, и животите на другите, во согласност со доминантните културни сфаќања .
„МАРГИНА бр. 4-5“
(1994)
И да сум ги надгледувал затворениците, легално осудени од народните судови, не сум им ги вадел душите.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Само еден, некој Јаков Иконописец што ќе останел да го надгледува довршувањето на водениците, движен од исконско пијанство во себе, можеби со заткарпатска медовина во крвта, без причини се обидувал да запее.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)