намаз (м.)
Ако само малку се концентрираше, на сликите можеше да им додаде и звуци и мириси, цела атмосфера: крцкање на летен песок и слатка врелина под нозете, тазе испеглана постелнина, Нивеа, печени тостови со кулен и млечен намаз, здив после ќебапи, куп искористени кондоми и кучешки лаеж.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
На пример, стилизираната геометриска форма на лист врз кој се слева тенок акварелен намаз, преку меките потези од молив.
„МАРГИНА бр. 15-16“
(1995)
Тогаш се слушна езанот од минарето на џамијата. Беше време за оглен намази и кајмакамот го прекина зборувањето со ибн Бајко, и со очи замаглени и отсутни, се струполи да се клања врз сеџадето што го одвитка и посла.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ако требаше да го стокми чунот и да оди на риба откога ќе заврши акшам намази, четвртата муслиманска молитва, тој веќе знаеше на кое место мрежата ќе му заграби најголемо јато белвици, а каде крапови и костреши.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Пред заспивање чекаше да се огласи и јатси намази и дури тогаш заспиваше и самиот, и ова му стануваше, без да мисли, некој нов ред за денот и редот во куќата, и зашто со таквите знаења некако се извишуваше над сите неуки, а најмногу над Тодора која спиеше покрај него, гровната како насукана гемија.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ако беше дома и ако го чуеше езанот на муезинот за акшам намази, се завртуваше кон Тодора и важно соопштуваше:
„Акшам намази”.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ги врзаа коњите пред портичето, за плотот, прашаа нешто и потоа влегоа во куќарката токму кога започнуваше акшам намази.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Телото на ибн Пајко го внесоа во џамијата, во дел определен за бањање, и неколку мажи брзо го соблекоа и го избањаа, додека оџата за сето време читаше џеназе намази.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)