наслути (св.)
Со прстите на својата смеа што кружат во муграта наслутена те вадам од ова задушено купе што живее со здивот на тунелите и те водам во синиот и широк сон на јавата да се одмориш во зеленилото на пристигањето.
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Падна една зима како мртов месец капна една зима како заклан страв Врвот од забите песни не изостри за голите гранки на погледот но пролетта ја наслути и ронливиот мак на тенката усна на детето на устата барање устата глад Капна таа зима како згазен страв Капна една зима како згасен месец
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
потем се наслутува сѐ почесто
во глувиот ноќен јасник како слана
(во споредба со неа, снегот е мек и топол,
Господине)
во забраната да се верува
во чувствувањето срам да се признае
мечтаењето по неа и скришното вљубување
во зазорот и распрашувањето
за смислата на животот
(најдолгите чудења се загушени од банални спреги)
во сѐ поприсните признаци од сонот
- таму кајшто живееме однапред, повторно
и можеби безгранично,
таму кајшто времето не се мери
со просторни величини
и кајшто, конечно, не се дели
иако, да признаеме
навиката да живееме раздвоено нѐ збунува
сега едно-по-друго се подготвуваме да заспиеме
да ја избереме спалната, креветот
да постелеме нови чаршафи
само за една, за наша употреба
купуваме ноќници за истата прилика
се тревожиме од наглите отворања на вратата
низ којашто проблеснува вселената
сѐ до неиздржливата глад по Неа.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Од овие примери може да се наслути како ТШ се развива кон тоа да ни даде когнитивна наука која ќе може да се справи со проблемите на човековата перцепција и движење како и јазикот и учењето.
„МАРГИНА бр. 3“
(1994)
Во тие точки на разлеана пепел по страниците, од некогашните занесни читања и заборавно сеење на пепелта од пушените цигари врз хартијата, можеше да се наслутат и трагите на неговото верување во повеќекратниот идентитет кој Балканците фатално го носат во себе, но којшто упорно го одрекуваат една или повеќе од неговите компоненти за да дојдат во конфликт првин со себеси, па потем и со другите...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Ближеше часот на разделбата. Таа сакаше да останам што подолго, наслутувајќи дека ова ќе ни биде последната средба.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Го наслути. Стои во бел мантил пред здрвените пралуѓе и им објаснува без грч во гласот и во ликот каков е, кој е, каде се наоѓа.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Очите им беа матни како да чадеа од под клепките; над и под таа задименост се наслутуваа првите брчки.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
- Малку е, наслутив насмевка зад замрсените влакна со боја на `рѓосано железо.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Во распоредот на неговите книги можеа да се наслутат патиштата кои ми ги беше одредил.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Се соочив со судбината која можеше да се наслути, со судбината на земјата чија пропаст беше најавена.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Всушност вистинскиот дијалог можев само да го наслутувам.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Веројатно веќе ја наслутуваше намерата на злочестата сопатничка.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Од врелите солзи што ми го разматуваа погледот не можев да му ги видам очите, сепак наслутив дека се сиви, вкочанети.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Ако првата книга тоа го наслути, „Нова Пасквелија“ несомнено потврди дека со Чинго во нашата литература стапи автор кој загрижено и ангажирано го набљудува животот, бескомпромисно го одразува сето она што се одвива пред неговиот љубопитен поглед и дека таа загледаност негодува и се напрега до прснување, до иронија, до темен, мрачен хумор секогаш кога во тој живот пукаат нишките на хуманото и разумното, секогаш кога се расплинува и исчезнува правината, кога згаснува идеалот, кога зацарува глупоста и незнаењето, секогаш кога заблудите и грешките ќе ја изопачат и убијат убавината и човечноста.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Уште кога ќе се појават, наслутуваш дека не носат ништо добро.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
А јас наслутував што ќе рече, па имав подготвен одговор: - Па и не е.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Тогаш, две години пред историскиот настан, по ништо не можеше да се наслути дека овој тивок, црномурест, млад човек, со сјајна црна коса и благ израз на лицето, ќе ја сврти судбината на Тунис, внесувајќи ја земјата во нова ера, пред опасноста земјата да го изгуби цивилизацискиот континуитет до кој дојде Бургиба. Но за тоа подоцна!
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
И јас, како и другине што поминуваат оттаму, ќе можам да ја видам само улицата со затворскиот ѕид што се чини сосема обичен. Ништо друго не се ни наслутува.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Никогаш во неговото лице не можеше да се наслути ниту трага од бес, лутина, омраза или неподносливост кон другиот.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)