натера (св.)
Воздухот постојано нешто мрмори: може да нѐ фатат на легло, што се вели, натерани под земја, заробени од стравот, од себеси.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Тоа беше престапничко поведение кон македонските работи и главен престапник во нив се јавува официјална Бугарија и бугарскиот народ, којшто не можеше да ја натера својата влада да се застапи за своите македонски клиенти.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
- Ја натераа Македонија да прати војска во Ирак? Копилиња! Проклети копилиња...
„Бед инглиш“
од Дарко Митревски
(2008)
Тоа ќе го натера нашиот народ и неговата интелигенција да погледнат назад на своите слабости од коишто произлезе неуспехот на Востанието.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Паметувањето на тоа родство, тој произлез и тие интереси го натеруваат секој член од некој народ да се одрече од некои свои права и интереси за да му посвети дел од своите сили на општото добро.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Ако пак Патријаршијата го продолжи прогонувањето на македонскиот јазик меѓу Македонците и наместо него го пропагира грчкиот јазик, со тоа ќе ги натера Македонците да гледаат на неа како на орудие на грчката национална пропаганда.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Моите набожни подвизи го натераа татко ми да ме замислува во црна одежда и брада.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Ме обземаше жестока желба да го натерам да се раздвижи и да го најде виновникот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Брат ми ги пасел воловите и ги натерал во нива со ѓонче, а се знае дека ѓончето или детелината е премногу силна храна и воловите немаат наситка од него.
„Три жени во три слики“
од Ленче Милошевска
(2000)
И после ја натерал да врзе црна шамија и да клекне да го истажи.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Мачките само студот може да ги натера да се бараат и да мјаукаат.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
За да се исполнат нашите сакања требаше да се војува со Турција; само по победување ќе можеше да се натера Турција да ги исполни нашите сакања.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
И сега, кога ги следам пред овие идеолошки водичи на Атеистичкиот музеј во Скадар, тие сѐ повеќе ми личат на видените дервиши во детството, сега како вистински црвени идеолошки дервиши на новата вера кои по наредба или според болно соживување се предаваат на реторички оргии сакајќи во нивниот транс да го искоренат стариот бог од луѓето и да ги натераат да го прифатат новиот.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Револуцијата напролет само ќе нѐ уништи наполно нас и ќе ги уништи плодовите добиени од неа досега, зашто таа ќе биде насочена не против Турција, а против неа и реформаторските сили и затоа што тоа ќе биде не по наши сметки, а по сметките на некоја голема сила и некои мали балкански држави што ќе нѐ натераат нас да се дигаме, а после ќе нѐ остават на сретпат; најпосле, затоа што ако ние против сите аргументи на здравиот разум пак подигнеме востание, ќе бидеме само основа на дипломатска борба меѓу реформаторските држави и некоја трета, која борба ќе се сврши само со нашето поништување.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Реши да го натера уште повеќе да се доближи до водата.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Штом ја заврши работата гладот го натера да го отвори ранецот.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Таа натера одново да се прегледа прашањето за народноста на Македонците и да се реши ни во полза на Бугарите, ни во полза на Србите, а во полза на одделна македонска народност.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Целта да се добијат позитивни податоци од сите оддели на науката, не само за нас лично, а како народни членови, ќе треба да го натера секого од нас да ги посвети своите сили, сето свое слободно време за изучување на сите тие науки што се најнужни за нашиот народ и што бараат најмногу работа, зашто за полесните секојпат ќе се најдат доста доброволци.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Потоа новите жртви на неговиот народ натеран на нови селидби и на светско расејување што продолжило и наредните векови од новото време.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Што ме натера да му ветувам дека нема да загинам.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)