најмил прид.
најми св.

најмил (прид.)

Мавни ми се од патот зашто, жими најмилото, ќе минам преку тебе. - Ќе минеш но твојата ѕвезда ќе догори.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Жива ми била и жити сѐ што ти е најмило!
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Го навечерале со најубави манџи како секој гостин најмил.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Сите брзаа да му излезат во пресрет, да го поздрават и да го пречекаат во домовите најмилиот пролетен гостин: сонцето.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ним им беше заробен изворот Бистар Кладенец, нивното најмило место во планината, каде што ги поминуваа сите свои денови.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И јас да сум на нивно место, - си велеше, - да ме будат страшни соништа во кои арамијата ми виснал над глава со нож в раце готов да ме заколе, да гладувам, зашто она што го имам ми го собира некој со помошта на еден јатак , да ми ги грабне некој со крвава пот спечалените пари, да молам да го дадам аманетот на најмилиот од куќата како што беа оние пет лири на татка ѝ на Трајанка, да морам да се посрамам како татка му на Пецета, зашто некој, кога сум бил на мака, ме одделил од најмилото, а јас сега не можам да му го вратам, та и мене да ми се случува сето тоа, - и јас не ќе можам да го здржам бесот, па макар сто пати знаел дека јатакот е јатак, а неговото внуче негово внуче, кое можеби ништо не знае.“
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Меѓутоа, трогнат од широкоградоста на постарите браќа, кои заради заедничкото дело биле готови да се откажат од најмилото на светот, најпосле и тој попуштил и ветил дека ќе молчи таа ноќ.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Тоа августовско утро во Прага чистачите на улиците среќни и весели си посакаа нешто убаво за себе и за своите најмили: едни посакаа да има повеќе пари за пиво, други посакаа пивото да биде студено, трети посакаа децата да им летуваат на Јадран.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Во ушите како најмила мелодија ми звучи нејзиниот глас кој ми се чини, сепак, дека е нејзино вчера и денес. А утре?
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Тоа беше свечено ветување. Зачинето со солзи. Мајка ти ми беше најмилата сестра.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Кога ќе ти умре најмилото, сите други умирачки ти се едноставни.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Послабите ученици ги поучувал во читање и правење слободни состави, книгата била неговиот најмил другар.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
И на татка ми, целата таа година, најмила му била приказната за чевлињата.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
„Мојата најмлада жена, и онаа што ми е најмила, ибн Тајко, пред два дена се попари од врел котел во Чифте-амамот.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Но што е имотот — според животот на најмилото?
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Од грижа за моралното и менталното здравје на децата, уште од мали нозе ги воспитуваа, поточно ги заплашуваа, да не убиваат птици: Ќе ти умре мајка, некој од најмилата рода, ќе онемееш, ќе ослепиш, ќе ги се фатат рацете и нозете ако убиеш птица.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Но не им беше на сите дадено да наѕрат во тајната на мајсторската работа и да ја откријат нејзината убавина, којашто еднаш почувствувана, останува за цел живот врежана во срцето, како нешто најсилно, најмило и најсакано.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
„Моја најмила, Пред една недела ти пратив писмо и верувам дека стигнало до твоите раце.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Одби тогаш и сега одбиј - доказ за љубовта посегањето по сопствениот пород и жртвувањето на најмилото - да ти биде!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Мајко моја, најмила моја мајчице, почнав да липам, каде си сега ти, да ја спасиш својата мала ќеркичка, знаеш ли што ѝ се случува?
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Повеќе