непозната ж.

непозната (ж.)

А таа си живееше со малку, со сѐ помалку. Ќе си надробеше попара со млеко или со јогурт, ќе си направаше некаква непозната супа со секакви тревки кои ги купуваше од селанките на пазарот.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
„Какво добро може да ти стори еден познат човек меѓу илјада непознати, ако сите освен него, се лошо расположени кон тебе?“, праша Логотетот со парабола умесна, оти ваистина, какво добро може да стори збор еден познат меѓу стотина непознати, како еден воин твој меѓу илјада непријатели?
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Од коренот на штурите ѕидишта на урнатината подѕирнуваше непозната билка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
На Фимка сѐ повеќе ѝ се чини дека гласот ѝ е познат и, гледајќи ја девојката од оваа оддалеченост, таа се чуди и не може да се изначуди, та се прашува, зошто ли токму неа, непознатата ја вика и упорно ја довикува?
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Ја бакнував диво по вратот, ја гризев; таа молеше да престанам, да не ја повредувам; ѝ ја зграпчив кошулата и ја повлеков; сите копчиња се разлетаа во темнината и потем, во наредните два-три мига го слушав продолжениот звук на нивното удирање на кејот, како ситен дожд од ориз; на слабата ноќна светлина блеснаа нејзините млади гради, како кај кучка; почнав да ја гризам по целото тело, и одеднаш се најдов со устата врз нејзиниот папок; таа ме удираше со тупаници по главата, велеше дека сѐ е готово после ова, дека сум уништил сѐ, дека сум свиња, дека ќе ме пријави, задолжително ќе ме пријави, дека ќе ме убие, дека Партијата ќе ме убие кога ќе им соопшти, но мене веќе за ништо не ми беше грижа, и јас само го бакнував нејзиниот папок, таа рајска чаша со небесен нектар, тој центар на вселената и почнав да тонам длабоко, да пропаѓам во непознати длабочини;
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
На еден од тие летечки состаноци, Баге меѓу другите доби задача да стапи во врска тој и тој ден на тоа и тоа место во тоа и тоа време - се разбира дека не му беше кажано каква ќе биде таа врска, машка или женска, млада или возрасна, позната или непозната.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ова семејство беше речиси истрошено од непредвидливите селидби, од судбината секогаш да се свикнува со нови дотогаш непознати луѓе со нови обичаи, со оставени блиски, куќи, ниви.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Јас немам друго минато освен скудното минато на мајка ми и минатото на таа непозната личност која требало да ми биде татко.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Незаменливото искуство од чекорењето по непознати патишта, возбудата од неодоливиот мирис и вкус на разните зачини кои со соодветно пропорционално мешање од мајсторите на кулинарството и најстраствените гурмани, стануваат деликатеси кај разни народи и култури.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
И потполошките се распеаја. Зад црквата по втор пат жолто расцутеа непознати грмушки.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Во своето кажување не престануваше да го внесува моето семејство од двете страни на границата, за мене познати и непознати, исчезнати и останати во живот.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Новата година за прв пат се приближуваше со поинакво значење, не за да донесе нови непознати страдања, туку да влезе во убавото малечко главче на Пеличка дека еднаш откако ќе изминат триста и шеесет и пет дена се менува бројот на годините со тоа што на претходната додаваме уште една.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Шепот на непознати чекори и лаги за минатото кое веќе го нема.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
А човекот оној беше трговец со две нешта, оти само две нешта видов на тезгата негова на пазарот: пајаци во разни големини и од сорти разни: страшни и отровни, нестрашни а отровни, страшни а неотровни, нестрашни и неотровни; и, клучеви многубројни, златни, за непознати клучалници.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Можело да се претпостави само дека преку нејзиното чело се протегнала уште една брчка, нова и непозната, за капка пот во ноќите на стравот, во ноќите кога повторно ќе си ја прераскаже историјата за оној некој дедо на вториот Онисифор.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во отсуство на чичко Томе, кој уште во рани зори заминал за варница, да ја ѕида на суво со сур камен и суво грло, за леб и раат на челадијата и душата, мајка му го избаци по сите страни држејќи му го лицето меѓу дланките како велигденско јајце, и долго му мавташе со марамата од главата, небаре го испраќа чедото на далечен пат во непозната земја.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ја наведнав главата. Бев дете фатено со списание разголени фотографии, но на тие фотографии, беше моето сопствено тело, ишарано од пламењата и лепливо од јазиците на непознати дебели полицајци.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
И сѐ почесто се разбудувал наутро на непознати места, еднаш дури и со нога над јама со четири волчи младенчиња.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И насетувавме дека тоа е во некаква тајна врска со чудната болест на ќерката негова, која веќе со години (поради надвиснатото проклетство над нашето царство и над кобната одаја со едно нерастајнето слово во неа) лежеше болна од болест чудна, непозната, и искина толку постели колку што имаме години.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Кога се дозна за нејзината машинка за правење јуфки, купена уште во Италија, која беше речиси непозната во овој дел на Балканот, машинката патуваше од семејство до семејство.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Повеќе