нервоза (ж.)
Онаа нервоза што ми ја предизвика жената ми се враќа со уште пожесток налет и си велам самиот себе си: што не си се вратиш да си умираш во постелата туку и умрен не престануваш да правиш глупости.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
И одвреме-навреме потпивнуваше од чашката прикривајќи ја нервозата со наместена веселост.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Лежев завиткан во чаршафот кој веќе мирисаше на пот и ја зголемував треската со нервозата што ја имав заради тоа што таа треска ми се јавува еве токму сега на почетокот од големата и благородна работа поврзана со бунарот.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Тој сеќава дека нервозата го подбира.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Пак се поткрена на столицата, но во гласот не покажа нервоза.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
На татко ми му помагаше во средувањето на сметките од дуќанот и во пополнувањето на даночните формулари, што нему му создаваа нервози и нерасположенија. Рашела едноставно стана дел од нас, тивка и ненаметлива, ни се наоѓаше на сите, а најмногу на мајка ми.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Татко ја насетуваше нервозата на Камилски, поради видливото оддалечување од првобитно замислениот проект, сакајќи да ја појасни појавата на Васо-паша во нивниот план и затоа заклучи: Европските идеи во реформирањето на Отоманската Османската Империја од крајот на XIX век за кои се залагаше и Васа-паша Шкодрани, продолжија и во почетокот на XX век со Младотурската револуција во 1908 година која започна да се шири во Империјата од Македонија.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
По неговото заминување, нејзе повторно ѝ се поврати главоболката, нервозата, несоницата и одново полнејќи се со јад и гнев, фрлаше искри од очите, крикаше како птица грабливка, се загалцнуваше на пола збор од лутина и сѐ повеќе го повраќаше поранешниот изглед и држење облекувајќи се во панталоните и чизмите, во елечето од кучешка кожа и плускајќи со камшикот и сѐ повеќе стануваше несреќна и зла.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Беше можеби и добро што не знаев за оваа тајна функција на шифрантот, што би можело да биде извор за нервози и фрустрации, помислував утешно!
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Затоа, штом се симнав од валканиот воз и минав низ Железничката станица, една стара зграда што и по својот изглед и амбиентот недвосмислено потсеќаше на последните романтично утописки денови на грофот Толстој, без нервоза тргнав пешки низ паркот што започнуваше веднаш тука, едно дваесетина метри подалеку од станицата.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Почна да ги чести и луѓето со кои беше. Веќе ми надојде нервозата.
„Знаеш ли да љубиш“
од Ивана Иванова Канго
(2013)
Реткото сите го ценат, и кога не го сакаат дури, го ценат... Ѝ говореше без нервоза, без лутина, готов да разбере и да прости дури...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Сѐ што ќе ѝ речеа татко ѝ и мајка ѝ, таа го примаше со лутина, со нервоза.
„Прва љубов“
од Јован Стрезовски
(1992)
Нервозата на свадбата произлегуваше од сето тоа: од една страна од стравот на Хана како ќе се справи со обичаите на нејзината нова заедница, од другата, со фрустрацијата поради изневерата на родителите, но и од стравувањето на Леон како нивната врска ќе функционира и конечно, од немата запрепастеност на неговите родители и роднини за тоа како ќе се вклопи дојденката во нивниот строг и скромен начин на живот.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Владиката го погледна Трајка од високо и од нервоза му се засука брадата и косата во суграви сугурци.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Сранко вриеше од нервоза и му доаѓаше да му ја учука, но Жанко беше габаритен па сѐ се заврши само со рафален дожд од Серовската уста.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Старееше. Иако велеа дека изгледа десет години помлада. Чувствуваше како старее. Оттаму и нервозата.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Непушењето ми предизвикуваше дополнителна нервоза, се чинеше ќе се распрснам одвнатре.
„Знаеш ли да љубиш“
од Ивана Иванова Канго
(2013)
Нема нервози, нема караници, нема кој да ми влегува без дозвола во собата, сѐ ќе ми биде на свое место, нема кој да ги зафркава моите другарки кои понекогаш мака мачат со шегите на брат ми, а понекоја од нив дури се срами да доаѓа кај мене дома зашто е тој „од големите”, а ние сме „од малите”...
„Игбал, мојата тајна“
од Јагода Михајловска Георгиева
(2000)
Збрканоста, нервозата и онаа неконтролирана употреба на зборовите изгледа беше поарчена во нашиот телефонски разговор.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)