никаквец м.

никаквец (м.)

Затоа не сакаме да гниеме, да ги браниме избеганите генералски никаквеци. Говореа, беа селани.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
- Е, море, никаквец - му префрлува Јани - барем би можел да фрлиш некое зрно повеќе... мешаш и сал мешаш небаре е најубавото јадење... - Па е - вели готвачот.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Панично загрижен за судбината на тие луѓе паднати во рацете на безочниот никаквец, сакам да го кренам својот хуманитарен глас, ама гледај чудо...
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Европа Ах ти прелепа божице што богот наш суров без поштеда и пардон те опаша грубо сега освета слатка ни спремаш судбината ко џамаданче ни ја кроиш и приспивни бајки ни редиш но не во сон сладок ами во очај и летаргија нѐ фрлаш Ах Зевсе ненаситен манијаку сексуален никаквецу од небесна сорта што несреќа на врат ни врза што грев в мозок ни жигоса та ни камшик ни пост велик оттаму не може да го истера Ах милост имај божице сјајна еве на колена клечиме пред портите на домот твој златен петиците ти ги целуваме прошка дај ни за гревот наш древен и прибери нè внатре бар малку тело запустено да одмориме и душа грешна да згрееме подај ни сал трошка од трпезата ти божеска и вечно името твое ќе го славиме и пелтечиме Маргина 35
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Проклет да бидам, толку многу се молев за тој никаквец да не се врати.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Ме чуја никаквеците, го чуја мојот хуманитарен глас во прилог на слободата на изразувањето, но се правеа дека не ме чуја, дека јас наводно својот глас сум го кренал откако тие си ги навлекоа црните надгробни плочи. Тоа не е вистина.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Го нејќам ја венецот никаквец што ѝ го спрема, помисли други што крие.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Можеби и ги стискале клепките иако можеле да догледаат дека низ порабен облак се покажало крајче зимурлава месечина. Бездруго со изѕемната муцка на бескуќен никаквец.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Утре ќе го напишам твојот лик во вжештена смола, меѓу ороспии и крадловци, меѓу безделници и никаквеци.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тројцата никаквеци купиле за златото секакви женски лаги, белегзии со модри каменчиња, морски полжави, шарени басми и прекуморски скакулци во шеќер.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Мечката го хранела брадосаниот никаквец и натрапник престрашен и за ѓаволот, му носела големи гранки со оскоруши, грмушки со дренки и искорнати гнили стебла со мед во утробата. Тогаш можеби била и скотна.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Понекогаш го нарекуваше никаквец, но таквото луто однесување, јас го разбирав како нормално: постои значи некој кон кого можеме да ја искажеме нашата лутина, нашиот цинизам и нашата смисла за хумор.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
„Не давај ме, внуку, на никаквециве, ќе ме обесат“ - ревеше Јаков Иконописец, го слушав со затворени очи и знаев дека ќе се случи она што часкум го сонив, Калпак и неговиот булук ќе се стрчнат, се стрчнуваа веќе и го носеа на раце или го влечеа со пцости кон габер или кон врба до раб на оризишта фатени од огради на ископана земја, еден врзуваше јазол за јамка на јаже, друг на побелениот Проказник со секира му стоеше на пат не пуштајќи го да го брани малоумниот злодеј од кого очекуваа да се почувствува возвишен пред умирање и да признае дека палел, дека убил вол со тризабец, дека светците од неговите икони ќе му ги простат гревовите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Не му ја давам целата, - рече мајката, - ама и уште три пати толку да имаме не ќе го наситат никаквецот штом дошол.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Тој никаквец не зборува многу, чинело пари.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Тоа беше квечерина, по вечера, го фрлавме ѓубрето, никаквецот беше раководител на хигиенското одделение.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Сѐ повеќе мислеше дека станува никаквец. Што сега? се прашуваше.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Јас сум само никаквец од псевдовисокото општество и ме сметаат за „мил шегобиец“.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Тој никаквец, вели, тресејќи се, тој никогаш не бил болен од ништо!
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Еве, првпат ти дадов можност да бидеш вардач. Така ли е, никаквецу?
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Повеќе