носница (ж.)
Носниците на мачорот го душкаа ноќниот воздух и оддалеку го намирисаа грабливецот.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
До читалната имаше пушална, но Грдан ниту имаше цигари ниту пак пушеше; во библиотеката имаше и бифе, но тоа беше за оние што имаа барем ситни ако не крупни пари - од чадот на цигарите очите му се мрежеа, а од миризбите на бифето носниците му се ширеа.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Таа проникнуваше во крвта и залазуваше како пријатен скокот во носниците, тилот и врвот од прстите.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Одевме и јас во носниците го чувствував познатиот, за мене речиси анестетички мирис на лакот за железнички прагови; од детството тој мирис ме возбудувал, ми носел возбуда како да сум пред голем и непознат пат, ми ги опивал сетилата и ми создавал раскошни визии.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Ја иритира сензитивната кожа и „гори“ кога случајно ќе дојде во допир со носниците.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Кога ја зеде во прегратка, облаче од синтетички мирис на љубичица му ги исполни носниците.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Додека газеше низ плевелот, си го слушаше дишењето, како му свири низ носниците, и тогаш сфати дека целото негово тело е во еден вид бунт.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Северникот го почувствува и Арсо чиишто носници започнаа да се шират.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Реата од фабриката за вештачко ѓубре, измешана со острите и иритирачки мириси на големите хемиски работилници, ги штипеше носниците.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Ја подигна тупаницата до моите носници.
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
Но и на возачот, кој од селанец станал војник а од војник службеник, колку и да ги менувал воланите од голи до облечени, порадо му се ширеа носниците од комињето на грапата одошто од тафтабитите на вискито и повеќе му се полнеше срцето од шилерот одошто од гемиштот.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Вистина, остана еден печат на преуранета зрелост на нејзиното лице, што пред тоа го немаше, една одвај видлива сенка на староста, прв бран на созревањето, и јас знаев дека тоа веќе не е онаа моја Луција од разбојот, од гимнастичката сала, тоа златно дете чии носници се ширеа по доскокот како кај уморно но весело коњче; но бев среќен што тоа е сепак Луција, макар и една друга Луција; ми се чинеше дека сум задоцнил, дека нешто ми е одземено од првата за да ја добијам оваа втората Луција, но мојата љубов во ништо не се менуваше; дури може да се каже дека сега во оваа Луција ја сакав и претходната Луција, и сегашната; јас сега сакав две Луции, и тоа беше невозможно да се поднесува без допир со Луција.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Бргу струјка свеж воздух, удира во носниците на Арсо.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Токму така: во тој миг, додека траеше доскокот, таа неочекувано ме прегрна околу вратот и одеднаш, дури, ни се допреа образите; веќе следниот миг таа ја сврте главата кон мене и погледите ни се судрија; се гледавме, нејзиното лице беше на една педа од моето; ѝ ги гледав носниците како ѝ се шират забрзано, како кај уморно коњче: и го чувствував здивот; таа гледаше во мене како да е понижена, како повторно да сака да каже: „Доби шанса, нели?“, како да е поразена, како од бес и самата да прави една безвредна блискост (тоа гушнување со рацете околу мојот врат), како да сака да каже дека блискоста ја дава таа, а не јас; дишеше забрзано, со јазикот ја квасеше долната, сува усна и одеднаш ми рече: „Слегов, можеш да ме пуштиш“.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Носниците, како два отвора што вдувуваа и издувуваа правдини, беа два спокојни отвора за почеток и крај на здивот, од каде што извираше човековата сила.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Носниците, премалено, издишуваа син оган. Тоа ќе биде крајот, помисли.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
На предното седиште седеше тој; беше свртен во полупрофил; ќелата му беше црвена, вжарена, брадата му беше накострешена; зборуваше нешто, но не можев да слушнам што; при говорењето, една жила на вратот му се затегаше и се дуеше како да ќе пукне; одеднаш, до мене доплови само откршок од разговорот: „Ти мораш да го пријавиш тоа, ако не го пријавиш, ќе имаш последици“, рече тој; рацете му беа спуштени под воланот; десната му беше подадена кон седиштето на совозачот; во еден миг се навали кон назад на седиштето и на другото седиште ја видов Луција; очите ѝ беа затворени, носниците ѝ се ширеа (и денес не знам дали е тоа возможно, човек од десетина метри, наспроти сонцето, да види дека се шират женски носници: дали тоа беше истата онаа слика на Луција од разбојот); по образите ѝ се слеваа солзи; да, сигурно видов дека Луција плачеше за еден миг, а потем престана.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Можеби сега му се шират зениците, страсно и возбудено му се влажнат носниците и во диплите на челото се цеди пот.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Купуваме уште еден грам и заедно одиме во тоалетот. Шмркаме, моите носници горат повторно и ние летаме.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)