отвора (несв.)

И станувам усвитен камен Метеор желен за Мајката Земја Со благ допир Го отворам просторот За глобално затоплување Во собата полна со гости Од жарот пишти змија
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
а надвор веќе почнуваат да паѓаат снегулки, ветрот само ги врти во воздухот, ги пушта и ги втасува, одново ги завраќа назад, си игра шукшуле, што се вели, ги развева како цут од дрвја што се кубат, кој ќе пушти глас, ќе го наполни морето, ни викаат и бродот застанува, а ние молчиме ко глувци во дупка, ги слушаме само чекорите озгора, одат над нас небаре на глава да ни газат, и бродот одново тргна, сега можете и да пеете, ни велат, кај се пеело пикнат в дупка, си велиме, отсекаде бучи клокоти, и гледаме надвор, снегот си навева и се топи, се губи во водата, ако запреме во Костанца, ќе нѐ водат во Букурешт, си велиме и приѕираме во ширината што ни ја затвора снегот, и Костанца ја изминуваме, нѐ водат право за СССР, не ни заспала среќата на сите, вели Апостол Макаровски, сите со нечија среќа се шверцуваме, вели, ќе му украдеме уште некој ден на господ, и почнува некој студ да ни влегува низ процепите од бродот што се отвора однадвор.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Пријатно е да ја имаш среќата за прислужничка Додека ти ја отвора розовата врата на утрото И ти го принесува на прекрасно дизајниран тас Долго очекуваното изненадување.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Се мразам што егото незнам да го скротам за секое срање газот да го потам се мразам себеси што Бог го разочарав и погана уста што често отварав
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Таа мора будно да ги користи пукнатините кои одредени врски ги отвораат во надзорот на сопственички сили.
„Простори на моќта“ од Зоран Попоски (2009)
Градината се отвора пред дождот како цветот пред видот во неа живее заборавениот свет на збиднатото.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Ко цвет ни се отвораат и порите на кожата што си ја танчиме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ја отвораше како падобран и дозволуваше со неа да лебди, та можеше со леснотија да се препушти на висината која се простираше пред неговите нозе.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
А ти наеднаш ги отвораш очите и со онаа твоја детска насмевка велиш дека ти не си јагнето што му ја мати на волкот водата од поточето бидејќи си пиел подолу од него, а водата не се качувала угоре и дека не даваш да бидеш изеден. Умното сине на мајка.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Како крадец влегов во спалната и отворајќи го шкафот ја зедов книгата.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Песоглавиот одвреме-навреме ја отвораше устата од која излегуваше неподнослива реа и цвилеж.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ми даваат и чај од богородична трева што на суво се собира ко тупаница, а во вода се отвора ко прстите од раката.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Времето се отвора и почнува во мене да зборува Преведувајќи ме во небо, во скробна исповед Во молитва по која во пустината врне.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Повторно доаѓам пред долината и таа се отвора како стара книга на залутениот ветар лисјата се шират и во неа влегуваат право високото небо со гребенот на врвот планински што лебди над облаците потоа снегот што се спушта жолт и овенат право во моето срце измешан со поројот во 'рбетот што му шуми.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Ќе ги вртат очите жените и ќе ги отвораат устите, како клунчиња од пилиња што зинуваат за јадење.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И зина некоја дупка да се отвора пред мене.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тој ја отвора вратата и со десната нога го пречекорува прагот на домата наша. Се крсти пред иконата.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Го отвора таа ќепеникот и слегува долу во кледот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ни ги колваат прстите дури им ги отвораме клунчињата за да им плукнеме в уста. Борба за живот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Леден здив да ми ја разбранува крвта додека ме заспиваат песни љубовни, додека ме галат очи љубени, додека ме будат усни јагоди црвени, сила да ми дадат чисти бели вистини, не се плашам од висини ја отварам душата и летам на крилата на пеперутката.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Повеќе