отпрвин прил.

отпрвин (прил.)

Тој отпрвин бил изненаден од ваквиот нејзин однос.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Тој отпрво, зафатен со работа, не го забележа, но кога го виде зачудено ги покрена окалките: – О-хо, нашиот водоносец! – извика командантот весело, бришејќи си го со чисто бело шамиче замаглените стакла на окалките. – Каква чест! Седни.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Отпрво претседателот на градот и одборниците радосно си ги триеја рацете, мислејќи дека со огромното злато што им го донесе некакво чудо, ќе можат да ги решат сите градски проблеми.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Тоа што бев ослободена од многу од моите поранешни обврски и што отпрвин ми беше многу тешко, постепено почнав да го чувствувам како пријатна околност.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Тој отпрвин стоеше како закован за земјата или плашливо се потргнуваше настрана.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Отпрво зборовите можат да се читаат вертикално и хоризонтално четири пати.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Шумот од организационото движење отпрвин се дигна во самата Бугарија.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Отпрвин застанав простум и преку провалијата, можев да го видам Долнец, или местото на коешто била некогаш населбата.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Палавите, дрдорливите деца, отпрвин често го задеваа, но попусто.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Отпрвин ќе го фрлиме во пеколна агонија дивиот молох, твојата и нашата несреќа.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Отпрвин некако не му се веруваше.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Стариот учител искрено го жалеше овој млад човек за кого што имаше слушано од другите колеги, дека често го обземало очајание и досада, но си мислеше: ќе му мине; отпрвин сите се лошо расположени, а после свикнуваат, дури по некои и го засакуваат со целата своја душа селото, штом ќе ја откријат смислата на својот свет учителски, позив.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Отпрвин ја виде негде далеку, потоа го згрчи лицето в страв.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Бунарот беше сув! Не можам да ја опишам таа состојба, отпрвин на неверба, а потоа на изгубеност и страв.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Отпрвин е тешко: мораш да ги затнеш ушите со прсти или со памук, но подоцна се свикнуваш и пукотот само ти го затрега и тресе ушното тапанче.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Отпрвин по нешто праќаше, а после му се изгуби трагата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Дури и владите што отпрвин ја симпатизираа нивната кауза се принудени, поради тие атентати, да се откажат од тоа и да се присоединат кон сите други влади што сакаат обновување на мирот, за да го советуваат Турчинот да го задуши што поскоро тоа востание кое дегенерира во анархизам.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Отпрвин по скалилата се искачуваше сама, чиниш лебдеше, не допирајќи ги скалилата со стапалата.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Дедо Алексо го затекоа сам. Не ги очекуваше посетителите, уште помалку момчето од градот, па отпрвин се збуни, не знаеше што и како да зборува.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Но отпрвин пуштете ме да ја испијам сета роса од пајаковите лулки во шумата.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе