папсан (прид.)
И ми се чинеше дека истото прашање го поставуваат за човекот што стоеше под бандерата сите оние од котлината на смртта од истурените шатори, оние што со наведнат поглед погледнуваа накај столбот, носејќи ги на врвот големите камења по патеката со расфрлени парчиња бодликава жица, тапкајќи по неа со боси стапала, и оние кои папсани ги трпеа ударите со кундаци и челични камшици.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Наутро го наоѓаа папсан крај темелите.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Утре – нов ден, нова нафака: на лаѓата за Венеција ќе протнам некоја ведра песна, преку девет мориња скришем ќе испратам и врзоп карипски насмевки - само црна мачка да не ми го пресече патот кога папсана се враќам дома и си мислам дека навистина сум продавачка на синолички на плоштадот Свети Марко во Венеција.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Во тој миг го здогледа бикот Чако, како со спуштена глава му се приближува, покорен пред послушноста, припитомено легна првин на предните нозе, потоа ги спушти наземи и задните и веднаш заспа, папсан од скитањето низ гората.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
А поминатата ноќ можеше да биде само онаа нишка, околу која, како во процесот на кристализирањето, се собираше сѐ за тие луѓе, кои тој сега ги гледаше од сите страни и во сите времиња и сега веќе горчливо си се потсмеваше себе си, кога ќе помислеше на својата самота, онака папсан од смеењето и испразнет од неговата експлозија.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Доцна во ноќта, се втурна во куќичката, папсан, со закрвавени очи, и блуејќи, се струполи врз креветот.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Тешка тага му ги насели срцето и душата. Тажно и папсано си ги прибра дреите.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
По некогаш, мислејќи на сета онаа крв, истечена по сите снегови назад, си велеше дека не би требало да биде изненаден ни ако го најде некаде папсан во длабочината од својата сопствена трага, оној огромен самјак.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Носеа лопати, секири и казми. Изгледаа на многу изморени. Папсани.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Врвеа папсаните партизани и партизанки, носејќи ги на рамо, на ќебиња и носилки ранетите и заедно со нив врвеа старци и старички, мажи и жени во стасани години, дечиња кои со улав во очите цврсто се држеа за фустаните на своите мајки.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Ти станувам јас така, нали, за на пазар, момчак неотспан, папсан и од младоста и од работата.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Широко отворените очи гледаат папсани од битисување и горчина.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Излеговме на брегот. Реката, папсана од летните жештини, течеше скротено.
„Клучарчиња“
од Бистрица Миркуловска
(1992)
Митровденски задушници - а гробиштено празно. Си се гледам - насон си се гледам изморена, папсана, исплашена - да не би вака самсама да се струполам - а нема никој да ме крене... па сум фатила да ѝ се молам на Богородица Мајчица - Помогни ми!
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
И самиот папсан, на десен колк прилегна до неа...
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Заиде, папсан, речиси влечкајќи ги по себе своите празни раце, своите долги раце, а тие во бараките сега изнаскокаа и се сместија по своите легла, некој дури почна и да крчи, како во сон.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Папсан, го заврши денот пред надурленото лице на манастирскииот измеќар, кој не го пушти да оди сега и на спиење во некој ан, како што сторија другите. Напразно лутење.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Тогаш таа плеснала со рацете за да ја викне жената на најмладиот брат: ’Јатрвичке наша најмлада, ѝ рекла, невесто мила на млад ни девер, ајде место нас однеси им јадење на мажите, чунки патот е долг а нам нозете ни се папсани, та ние веќе не сме млади и лесни како тебе.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Траеше денови и ноќи, денови и ноќи, а некој постојано трчаше и ги прескокнуваше темелите, се препкаше и паѓаше во нив, барајќи го, како некој изгубен дел од облеката, она свое насмеано и широко место, својот чекор, постојано крвав и палците и по колениците, постојано крвав на лактовите, истоштен, со последните сили, како човек, кој еве, за малку, за една трошка, што не дошол на дофат на нешто, што одамна го гони, и кој што ги прави последните напори за да го достаса, да го прескокне, и така, постојано, сето време додека нивното градилиште се престоруваше во едно проколнато место, од кое чиниш сите сакаа што побргу да се витосаат и да се мавнат, во едно чумаво место, во една болна арена, по која што умираа, крварејќи, и лавот, и гладијаторот, кадешто им солзат очите на сите мајстори, бидејќи веќе сите добро знаеја дека она си беше отидено, дека црвениот лав на сонцето беше веќе бесповратно папсан.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)