паѓање ср.

паѓање (ср.)

Низ прозорецот можевме да го забележиме едниот од петте стражари чија силуета на сртот од благата височинка личеше на стрелка која се движи според строго одреден интервал, навестувајќи го скорешното паѓање на мракот.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Уште од времето на паѓањето на Самуиловото царство Македонците не еднаш правеа силни востанија против Византија, многу посилни од Бугарското во времето на браќата Асановци, но не можеа да се ослободат, зашто кај нив се други географските услови, а кај Бугарите други.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ги пцуе сите свои паѓања и ретки издигнувања и радости, пониженоста и честите судрувања со лошото и злото и празните ветувања.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Умираш симболично повеќе пати живееш стократно повеќе имаш безброј животи безброј ликови и сето тоа е - природно и нормално и по сето тоа се будиш наспана преродена за да можеш да поднесеш уште неколку стресови сѐ до следното паѓање во сон.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Си ги презашиваме истрганите копчиња готови за паѓање.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Навечер, ќе се слушнеше пукот, ’рскот и ропотно паѓање на дрво на кое далечината не можеше да му се одреди зашто укитот и сулундарите по стреите долго одѕвонуваа во темнината, како да офкаа наместо дрвјата осудени на таква смрт.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тоа ѝ беше последното паѓање во несвест.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Едо е преплашен не толку дека со паѓањето диференцијалот ќе се оштети туку дека ќе падне на стапалата од нозете, ќе му ги здроби.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Болката во непцето од кое му биле истерани забите со удар на беговски кундак го раздразнувала и се враќала при најмал допир, и тој ја пуштил, се обидел да ја тргне главата од нејзиното рамо и веќе не знаел ја прегрнува ли или ја бута од себе; нејзините раце, како таа да барала заштита во паѓањето, останале склопени во топла алка околу неговиот врат додека топлината на женското движење му го заплиснувала издолженото лице.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Најстрашна последица беше паѓањето на неколку книги од полицата кои безмалку сосема се распарталија.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Употребените симболи и мотиви добро ги отсликуваат идеолошките апсурди, судбината на опозицијата или пошироко патот на паѓањето на системот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Сите во компанијата биле шокирани затоа што паѓањето на столбот ќе значело завивање на двомилионскиот град во мрак на неодредено време.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Паѓањето на Клефтис не само што го подигна моралот на Првиот корпус, чии единици цели четириесет и пет деноноќија крвавеа на неговите приоди, туку ја охрабрија целата грчка владина војска.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Не мораш да го разбереш и да го прифатиш ова што ти го кажувам, но запомни: слободата е слободно паѓање, самоубиство во мигот кога мислиш дека си вечен, кога мислиш дека животот го живееш онака како што секогаш си го посакувал, самоубиство без причини и последици, нешто како катарза што те исполнува со пркос и можеби затоа не бараш виновници и не осудуваш никого во тоа долго, долго паѓање што може да трае и само еден миг.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Ти си нејзино чистилиште, нишка која уште го задржува полното паѓање.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ми се причини дека тој со погледот внимателно го следеше и тоа паѓање.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Без било какви отстапки, знаеле точно да го утврдат, со прецизно мерење, паѓањето на тој прв сончев зрак на две места.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Останував изолирано заштитена од психологии на мислења и живеења, кои се наметнуваа заедно со физиката – секогаш жедна одново и одново да се убедува во закони, низ слободни паѓања во математички насочената паралелка.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Убаво го осеќам паѓањето на правта: ми влегува во очите, ми застанува на веѓите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Немаш раце да се закрепиш, да го ублажиш паѓањето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Повеќе