пајажина ж.

пајажина (ж.)

А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Ламбата што треба да го осветлува патот ноќе низ долгиот ходник до тоалетот ако посакаш да појдеш повеќе од нужда отколку од желба, огледалата во бањите и една вазна ги собиравме со лопатка и метла за пајажина.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Стрелал и пеел со персиски зборови за месечината и за бескрајноста на шумите под сребрената пајажина на светлоста.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Покрај надворешните граници на новата Република Албанија, превладуваше густата пајажина на внатрешните граници на земјата помеѓу различни принципати, минијатурни ефемерни републики, прогласени и одржувани во поделената земја од окупационите сили на Сојузниците, од големите фисови, верските конфесии.
„Граница“ од Луан Старова
Неколку замрсени спомени висат како пајажини во аглите од ѕидовите меѓу нас.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
И почнавме и паспалот сосе пајажини да го собираме по водениците.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Се осветлуваа кружните камени ѕидови на бунарот поврзувани со пајажини.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Тие и на училните стебла гледаат со сомневање.“ Старчето отплетка со прст некаква невидлива пајажина од пред себе и болничарите излегоа со пламена навреденост околу усните.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Ама одозгора еднозадруго ми слегуваат некакви заплеткани конци, некои пајажини ми паѓаат вака право, како голема сенка и јас се барам со рацеве и се бранам со рацеве... Ја кинам сенката со нокти и веќе почнувам да викам, не се додржува гласот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Беше уморна од лоши соништа и со разголени стаклени очи под кусите клепки додека сето лице покриено со видлива пајажина на влакненца и беше неприродно набелено.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Се чувствуваше како во луда трка по туѓите заемки кои се криеја во редовите на страницата на книгата, на моменти се чувствувал како со перото меч ја разбива пајажината во која се криеја старите зборови, со веќе потрошено значење, според многумина.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Како да бев во една од куќите на Кукулино: од огниште на кое виси поцрнет котел се шири црвеникава топлина, удира во луѓето и им ги брише од лицата грижите и годините: светлоста се мрешка по земјениот под, мислиш вода е над кој минува здив на ветар: чкрта стара маса на долги нозе, на неа е дрвена карта со ракија, зад луѓето плашливо трепка око на кандило и потсетува на заборавена ѕвезда под проѕирни партали на пајажина: топло е, животот е далеку од светот на домаќините и гостите, обесената низа лук на ѕидот брани од урокливите очи на темницата зад прозорците. ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сѐ остануваше измешано и таинствено во густата балканска пајажина. Големите пајаци вешто се сокриваа.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Ветрот ни ја оддува од клепки пајажината на сонот и избриша дел мрак пред нас.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Татко ми го сопираше, му велеше дека пред да стигне до клучните луѓе, ќе се изгуби во пајажината на помалите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Внимателно следеше: златестата пајажина сомотно развлечена по кожата на пробиените гради го менуваше патот на темната нишка и не ја запираше.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ние - беше нешто премногу конкретно и нешто сосема нестварно, истовремено, организам кој нѐ препознаваше и во кој се препознававме, оти тоа, всушност, бевме ние, судбина наша и на многу други кои секојдневно се заплеткуваа во пајажината што ни стана порок и заради која како инсекти се заробувавме самите себе станувајќи му плен на црното страшило кое упорно чекаше во дувлото да нѐ зграпчи со своите канџи.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Наредните денови по доаѓањето, Богдан започна да ја средува куќата, да ја чисти, да го брише правот и пајажината, да ги брише црнилата на прозорците за да влезе светлина, да ја осветли мрачноста внатре; го истружи подот и им го врати на штиците изгубениот изглед и сјај; ги вароса ѕидовите на собата и внесе свеж здив; го измачка со малтер ѕидот кај водарникот што го изела влагата; ги ископа оние влажни, позеленети флеки на некои места на ѕидовите што не ги покриваше и обелуваше варта и кои му личеа и го потсетуваа на земјата што ја врвел и повторно ги малтериса и вароса; ја подмачка вратата да не чкрипат резињата, ги дотера прозорците да се отвораат и затвораат; ги поправи федерите на креветот да не пропаѓаат.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Во аглите на таванот имаше пајажина.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Децата се држат за скутовите од жените, ко пајажина за сува гранка.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Повеќе