печен (прид.)

До пијалаците се – сусамките, печени бадеми, кикиритки што Ескимите не ги виделе ни во сон, прженици од печурки, па и тортата, толку убава што ти е жал да ја чепнеш, а не да и ги наковаш забите.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Низ куќата се ширеше миризбата на печеното пиле и на корите.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Па вие сте како онаа печена гуска од приказната што јас ја најдов фрлена на мостот од богатиот за да ја најдам.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
- Што мирише овако, прашува Јоле, печени пиперки, велам јас, не мирише овако паприка, вели Јоле, може е клечитурај, велам, или може некој се преобува, од кое кафе да сварам, вели Велика, од најцрното, ѝ се одѕивам, камо да е така, ми враќа таа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На местото на семкарата карши Градежен сега има фонтани, а порано печени костени и сокчиња од сируп со сода секогаш земавме различни за да си делиме.
„Најважната игра“ од Илина Јакимовска (2013)
Тој ќе ги издвои следните најраспространети заемки: ќересте, градежен материјал (од персиски kereste); зајре, се употребува за означување градежен материјал, но и за храна, јадење, прехранбени артикли (од арапски zahire); тула, тугла, печена, фабричка цигла (преку грчки, односно латински tula); ќерпич, непечена, туку сушена цигла.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
И немаше да морам, како сега, на продавачот на печени пченки на кејот да му објаснувам дека е срамота при толку ѓубре корпите за отпадоци да се празни.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Во каминот имаше решо на гас, а имаше и една полица на која се чуваше храната, додека во ходникот пред вратата имаше еден кафеав водник од печена глина, заеднички за станарите од неколку соби.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Трчаше бикот кон кожарата и со таква сила удир со роговите во ѕидот што тој пукна и се свалка пред нозете, како да не беше од камен ѕидан и со години печен, туку како да е детска реденица, лефтерна сувоѕидица.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Во старата чаршија, имаше и немалку дуќани и стари градби градени со ќерпич, односно со сушени тули, а не со печени цигли.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Сега не беше младич, но она ластарестото сѐ уште ја оптегнуваше неговата тенка, пегава става во излитена англиска блуза со боја на пожолтени дабови лисја, а Змејко немаше време да направи ниеден чекор кон таму, кога оној веќе стоеше до него, во средината на таа група крај колите и тие си ги тресеа рацете еден на друг со онаа наеднаш повторно родена жестокост, која сѐ повеќе растеше и стануваше пак дива и разврескана во нив, продолжувајќи сето време да се потчукнуваат по рамената, уште пожестоко, а денот дури сега навлезе во неговите очи и го заслепи, просто го исполни сиот, така што тој сега речиси сети како е тесен во себе за да го прими тој убав планински ден наоколу, додека некој од селаните крај него рече: „Змејко е печен, вечер се запишува в Задруга“, а тоа сега воопшто не беше важно, беше толку далечно од него, како да било во еден сосема подруг живот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Секоја куќа била должна да му дава по еден печен вол на ден за да јаде; кога дошол редот на Чулко Заумко, тој се послужил со итрина: го испекол волот и го премачкал со отров што го собрал од многу отровни змии; кога змејот го изел волот, се отрул.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Во ретките мигови кога сум печена свинска глава што го гризе забранетото јаболко, посакувам да сум покрај езеро, да си ги шлапкам нозете во водата, да се појавиш ти штотуку изгонета од Рајот и да влезеш во езерото, а јас да се радувам гледајќи те како го покачуваш нивото на водата со твоето дебело тело.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Ширата и мамалигата, и печената пастрма и попатните земјоделски изложби, брзо се забораваат кога на влашката рамнина ќе се појават петролејските кули, чиниш безброј како една шума.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Кога мислеше дека сланината е печена, со ножето ја избутка од шилестата прачка врз земјената чинија.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
А и грчка ракија купував и некакво кафе, мешано со печен јачмен или со ’рж, а и свеќи купував.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Но гледам, гледам дека сте ми печени ... Навреме и без грешка ...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Сега бараме иљач: бараме печен праз, бараме тегавец за да му го скине.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Многу се радував кога мене ми беше ред за печен копан од петелот што мајка ми го колеше во дворот.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Набргу им се придружија и сопругите, на брзина ги кренаа празните чанчиња од мезето и потставија две кафеаво црвеникави тави во кои имаше по две големи половини модар патлиџан, исполнети со богата содржина на јадењето имам бајалди (онесвестениот имам), од кои се ширеше миризбата на печениот зарзават, во покрај модрите патлиџани, се гледаа златесто зеленикавите испечени бамји, ситно сечканиот магдонос, зелените позлатени пиперки, растопените црвени патлиџани, прошарени со испеченото мелено телешко месо.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Повеќе