пладнува (несв.)
Затоа и некој чудак, кој шета во близина, или пладнува во својата мирна чувствена градина при случај на отворена врата наеднаш ќе се вознемири и притоа неосновано ќе го оцени нашето однесување како недопустливо.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Со цветно венче на главата, со распуштена руса коса дури до појас, со огрубено лице, со полна кошница бисилкови кивчиња и шарени предена одеше низ Потковицата и на сите крстопати и покрај сите води, и кладенци, каде што поминуваа, каде што пиеја и каде што пладнуваа Турци, правеше маѓии, па така никој, ниту Турчин ниту христијанин злонамерник не смееше да ѝ излезе во пресрет, не пак да ја земе на подбишега и да ја злоставува.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Таман припна горештината, по пресопта; ги фрлија сакмите под леските на лево и десно од локвите, наизлегоа булуци овци, брави, шилежиња и курдисаа да пладнуваат и тие.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Ги запреа коњите разгледувајќи го одблизу манастирот, восхитени од неговата убавина, кој извишен на карпата над езерото и опкружен со зеленило, се чинеше како да лебди над водата во дланки господови; езерото под него поигрува, одблеснува на сонцето и полека ја заплуснува карпата; лево од манастирот под падината на планината, клокотат огромни извори и исфрлаат изобилство вода која плавно, широко се разлева правејќи езерце што го обградува пошуменото островце пред да го пресече патот под мостот и да влезе во езерото со бучеж; на дното од мирната вода во езерото се прелеваат разнобојни алги фаќајќи ја светлината од сонцето што низ бистрата вода продира до нив; на островцето столетните дрвја ги раскририле гранките спуштени до самата вода во која фрлаат зелени отсјаји; по водата пливаат патки и лебеди, кои вознемирени од тропотот на коњите, се оддалечуваат повнатре во езерото оставајќи долги, меки бразди зад себе; на ледината крај изворите пладнуваат купчиња овци како бели, отворени цветови.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Или во друштво на Јована Акиноски акаше низ ливаѓето, низ мртвиците, низ бавчите и му помагаше во собирањето бубачки, жаби и тревишта. Или пладнувше покрај изворите.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Ќе го бараш Сетворителот и Седржителот за да му заблагодариш што ти помогнал да изградиш куќа и во куќата Ангелот од Курбиново, и стиховите-пеперуги кои излетуваат од твојата уста и ја осветлуваат шумата од костени, во која пладнуваат елени со златни рогови и со сребрен ѕвон ги веселат темелите на куќата и ги озвучуваат ѕидовите, та кој ќе помине крај неа застанува да се наслуша и подмладен да го фати Патот на Апостолите, пресреќен што се упатил кон Бога, како што си се упатил и ти самиот.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)