планински прид.

планински (прид.)

Власите во Грција немаа и немат никакви права, не смееја да зборат влашки, да живеат во градовите туку мораа да останваат високо во планинските села, на песните им го менваја тексто во грчки и ги претставуват како нивни да се.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Мило ми е што повторно ќе можам да се качам на вовчето да трчам по прозорците додека тоа со клокот и тресок се провира низ планинските процепи или низ селата со куќи построени како стражари крај пругата.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
За делче од миг низ неговото сеќавање поминал настан од неговото најрано детство: неугледна старица од некое планинско село дошла на еден Велигден во полна црква и со голем крст во рацете го надвикала свечено облечениот поп барајќи од набожниците да појдат по неа во доброволна смрт.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Мајка ми која го преживеа крлежот во увото во планинско село во минатиот век и пукнување на слепо црево во интернат во туѓина каде што ја идентификувале со плочка со бројче околу вратот далеку од дома и од родителите, почина на клиниката која е на десетина метри од моето работно место во истиот момент додека на брифингот се фалевме колку се успешни реформите во здравството.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Иако гледа во неа, не може да види ништо и не знае дека чашите се волшебни кристални кугли само ноќе кога во нив, како од скинати парчиња, составува априлски жолти цветови, осамени планински колиби, две Марии. Сѐ што и да посакаше.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Го одржуваа својот колибарски живот, сееја што сееле и нивните стари, работеа како што работеле и нивните стари, живееја просто и едноставно од плодовите на својот труд, од бериќетот што ќе го собереа по своите планински имоти.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Посакуваше така смирена да поседи колку што може подолго, но здогледа некое делче од некое суво планинско цвеќе на футата и со прстот и показалецот внимателно го фати и го фрли онака во тревата.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Да си роден во едно планинско село на Македонија и до твојата десетта година само да слушаш дека постојат и други села освен твоето и други луѓе освен оние што ги познаваш!
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Партизаните на ДАГ се спуштаа по стрмните планински удолници и густите шуми и на приодите пред градот паднаа во минските полиња и беа пречекани со урагански митралески и автоматски оган.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Нашето село беше планинско со малку обработлива земја. Повеќе се живееше од сточарство.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Кадрите на бушавата брада како да пуштале свои корења во земјата - по многу години черупката ништо не ќе ја крене од тоа место и низ глобовите ќе се спровираат диви цвеќиња непознати дотогаш на планинските предели.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Планинските врвови во морето и над него средоземниот обрач од бездни и азури не го изоструваат духот за злосторство но ниту за лојалност.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Тој ги ширеше градите и дишеше од свежиот планински воздух.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Повторно доаѓам пред долината и таа се отвора како стара книга на залутениот ветар лисјата се шират и во неа влегуваат право високото небо со гребенот на врвот планински што лебди над облаците потоа снегот што се спушта жолт и овенат право во моето срце измешан со поројот во 'рбетот што му шуми.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Повеќето од нив имале пушки и кубури, запленети опинци и нешто пари, барут, тутун и јадење - леб и тврдо планинско сирење, додека другите, оние понеснаодливите, се задоволиле со јатагани, ками и ножови.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ручекот заврши дури доцна попладне, кога првото свежо планинско ветре се извлече од сенчестите кории и се разлеа по ливадите.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Бучавата на планинската река како play back му годеше.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Ветрот ги храни планинските треви со верување на луѓе.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Јас, па војвода! - се противстави дедо Димо. - Со таа ми ти брада, со тие ми ти мустаќи и со тој твој планински стаж, друго име не ти прилега.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Тој мирис на сеното, тие звуци што навечер никнуваа наоколу, во самата плевна, во буковата корија, во папратот зад плевната, тие ѕвезди што се гледаа низ отворот на вратата, тој чуден опивлив ноќен планински воздух што го дишеше и му се насладуваше и ти се чини дека сѐ е вечно, нема почеток и нема да има крај, и ти се живее и ти се постои и би сакал да бидеш насекаде, со сешто, засекогаш...
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Повеќе