плисне св.

плисне (св.)

Зашто ова попладне има прсти од блискост од свое в месо да ти се вовлече капнато да се протега под кожа во коски во сѐ што си и што не си. И не стој се искачи рекава го мина брегов ќе плисне врз тебе ти трчај да не те стигне сево попладне зад себе што го оставаш дур не го изгасне. Трчај гори попладнево.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Зората во моето поле е како виолина напрегната Ридовите молчаливо руменеат како мислата на мене а гулабите играат во синевината како нашето чекање Виолината го крие во росата цвркотот на будењето Тој е како твојот смев набрекнат во младите гради Сонцето заигра по жиците и плисна млеко на музиката по сонливата трева Зората се кикоти и примира од смеа...
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Од таа скаменетост го освести црвенокосата, богата сончевина, што се плисна како некој плавен бран во неговиот прозорец, ослепувајќи го и во исто време носејќи му ја назад способноста да се исправи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кантата се плисна на нас и се истркала по скалите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тие го плиснаа со топлиот здив на животот во домовите.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ќе ја разбуди во мовот притаеноста на огнот; доживувајќи го својот златен сон, искрата ќе вивне од себе самата и ќе ја плисне шумата со пламен.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ќе те плисне ветерот, ќе проструи свежина и ќе здивнеш слободен од некаква тежина.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
И тие тогаш ќе се плиснеа во една игрива група, која секогаш беше нешто цело за себе, а која знаеше напросто да се изгуби низ тие бучни улици, да се расплине низ нив.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Таму, меѓу басмари, аџии, скитници, додека од преголем котел некој анџија ќе сипува во чанаци преварен грав со козји дробенки или бел пилав од кочански ориз, ни оние неколцина Турци што ќе се нашле на своја софра и со свое оружје, од анџар до кременка, не ќе им биле туѓи и страшни; плиснати со оган и загреани од скомињава ракија со која се пее и се плаче, тие ќе се разграштеле, ќе се погледнале со сочувство и машко охрабрување и ќе пресметале што уште им останало во торбите и дисагите и колку имаат на колите сено за добитокот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
А тебе не ти даваат време ни вода да се напиеш, да се плиснеш под гушата. Не смеееш со проштение, ни понадвор да мрднеш.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Не проценувајќи ја точно далечината плисна во лицето на брборливецот полна чаша ракија и опцу како да рика.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Во таа вечна трка некое одамна избледено искажување, што му го дофрлил некој делегат во Собранието, дури во овој момент му заличило на полна чаша отров плисната пред неговите нозе.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Ќе потече ли еднаш водана, мислеше, ќе се откине ли таа од оној мраз, и ќе ја плисне ли еднаш својата сила во црнине копанчиња на турбината долу.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но штом ќе надојде езерото и ќе им плисне вода - тие одново оживуваат, одново им се враќа силата.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Една мала, топчеста бригадирка, преврзана со бела шамија, кога усети дека ја блисна студена вода и и’ се разлеа по градите, цикна преплашено и го испушти чанчето на земја; Мече се засркна од смеа, а после нацрпи во црпалото пак вода и уште неколку пати ја плисна бригадирката, која што беспомошно се обидуваше да се одбрани со раце: – На, сакаш уште!
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Геле Накотник излезе омрлушено од зад решетките по две седмици додека неговиот постар пријател беше пуштен кога од планините плисна мирис на снег.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Се залажувале и сакале да го излажат својот господ, да се сожали на нив и да не ги заборави кога ќе дојде воскресот и се мачеле да не поверуваат дека гласот на челникот не е потсмешлив, дека е навистина благородна молитва и посредување за добрините што ќе дојдат еднаш, утре, подоцна, само за нив, изѕемнатици со издупчени опинци и издупчени души, онакви какви што биле и што ќе бидат секогаш пред розовите осамнувања на вистинската пролет која сепак ќе ги плисне со надежи.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Нешто се напнуваше, нешто не можеше да биде задржано, а после, сосема наеднаш, по сета негова внатрешност избликна од некој скриен вир во него и се плисна по неговото лице, едно чувство, од кое сега почнаа да му лазат некои меки, едвај осетни допири под очите, тоа го зајазлуваше неговиот здив, сѐ додека сиот не се згрчи и не препукна во едно придушено липнување.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Само го попуштија вентилот на парното, а тој летна во воздух и врелата, валкана вода од радијаторот плисна до плафонот!
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Пелагија се стаписа на местото, се стаписа од благиот глас на жената и полека, полека, со така да се рече надчовечки напори ја заврте главата и жената влезе во нејзините очи веднаш тука зад вратничката, а со неа и целата градина и куќичката со последното сонце плиснато по белината на ѕидовите, и вратничката се отвора на внатре, насмеаната жена ја влече натаму, ѝ прави пат за да влезат во градината Дојдете, златни, да си поседиме пред мојава врата, со денови, мори златна, да не речам со години, те гледам поминуваш од тука со момичево во рацете и со некоја голема болка во лицето, одамна сакав да те поканам да ми влезиш макар во градината ако не во куќата! и Пелагија нема сили да се спротивстави, таа дозволува мекиот допир на жената да ја води по патчето сѐ до поплочената ширинка пред вратата на куќарката каде што има малечка масичка и неколку столчиња без потпирачки наместени околу масичката и веќе седи на еден од нив, а на другиот до неа малечката Пела, и уште, уловува дека тетката седнува до неа без да престане да зборува Ако си калеша и со црно во срцето, ти си убава, и не знам дали има поубава од тебе, и по лицето ти се познава дека си и добра, твојата појава зрачи добрина! и во исто време претрчува внатре низ отворената врата и мислиш дека оди натаму а таа се враќа со подавалник на кои има чинивчиња со слатко и пресна вода во стаклени чаши Добро ми дојде, златна, во куќава, ајде, касни од слатково, јас самата го имам правено, онде од зад куќи, имам две дуњи, погледни, како сонцето што свети така и тоа свети, како твојата невидлива светлина, златна, како твојата невидлива добрина, златна, а тоа што свети во исто време и боли, мила, твојата невидлива болка, касни, заблажи се, ти ја знам болката, со денови, со недели, со месеци сноваш по уличкиве и бараш брлог оти онаа коруба сега е зграда, ене ја, ги надвишува сите куќи и вие морате да се иставите од таму, е, златна на тетка, не знам зошто, ама моето срце те одбра тебе, така да знаеш, те одбра тебе и оваа топка радост и оваа жолта заштита, вие да ми бидете радост на старост!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Повеќе