покори св.
покорител м.

покори (св.)

Турците видоа зорт додека да ја покорат Србија и името Србин означувало за нив разбојник.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Сенката на јастребот паѓа кружно врз Земјата од која извираат води како забранети љубови а човекот ѝ се покорува на жедта и кога ја порекнува.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Се споулавувал и не се покорил. Го одврзале од чаркот и кога му помагале да седне и да се смири доколку не сака да го потераат во сургун, повторувал дека ќе им се одмазди на џелатите и дека ќе му ја запали куќата на бегот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Оној што предложил да се вратат, да му се покорат на претскажувањето, можел од помладите да биде закопан со мртвиот: сам нека се врати, со ластегарка ќе му помогнат да побрза.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Лошата зима и мекиот карактер на Селима го одвратија од оваа намера и тој се врати во Стамбол, откажувајќи се од лудите амбиции на татка си да го покори и поислами целиот свет.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Втора фотографија.  Чекав долго, да се расклопи како женка да ја сликам во сиот нејзин сонлив сјај пропорција и хармонија.  Ја прекрив со себеси но таа кревка, тврд карактер ѝ се покори на сенката без поговор.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Кога син му на Андона се побунил против ова женење, татко му кренал вила на него, и овој ја наведнал главата и се покорил.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ѝ се покоруваше на Партијата, но сѐ уште ја мразеше.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Не ми преостануваше друго освен да им се покорам на желбите на оние што очекуваа јуначки дела од мене и сега, со кисела насмевка, чекорев по џуџестата птица, по нејзиниот глас.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Но, кога виде дека со ништо не може да ѝ го покори срцето на саканата мома - нареди овој прстен да ѝ се однесе.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Сатурн се откажа, но и понатаму на портата од болницата оставаше кутии цигари, без да знае дали Марија воопшто ги добива, сѐ додека не ѝ се покори на суровата реалност.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Дебелото грубо јаже не им се покоруваше на слабите прсти.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
За Ботеро, сѐ „има место да постои“, фалшивата затвореност треба да се предаде, да се отвори; потребно е таа да се покори и да ја презеде формата затоа што, како што велеше Монтењ, ние немаме „никаква врска со битието“ и, значи, можеме да го насликаме само „пасажот“.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Митко би ставил дрва, та тоа е барем лесно, но зошто да му се покори на еден Сашо, кој ни на школо не оди!
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
На кадијата му удри мисла да се послужи пак со Аџи Јанета и Аџи Рампа и испрати човек да му го доведе, а тие се израдуваа мислејќи дека се покорени Мариовците и кадијата ги викна да ги направи мариовски бегови.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
И така овие османскотурски заемки, колку и да биле туѓи и многубројни во балканските јазици, доколку се вклопеле во граматичката структура на примателот, престануваат да живеат како зборови на давателот и почнуваат да живеат како зборови на примателот и како такви се покоруваат на сите граматички правила на тој јазик.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
И да господари во срцата ваши мир божји за кој сте повикани со благодарност да се покорите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Протестираа поповите и Димитрија, молеа да им ги врати, луто каејќи се што му ги дадоа в раце, но тој им се закани дека сите ќе ги затвори и исколе, та се вратија, ветувајќи му дека ќе се покорат на неговата власт штом не ги признава старите фермани.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Зарем богохулно е што се покорив на совршенството? Зарем тоа не е најинтимен допир со Севишниот?
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
142. Ханот Аспарух (ок. 644-701) со една своја орда дошол од исток кон утоката на Дунав и откако ги покорил словенските племиња и ги разбил Византијците, ја образувал првата држава на Бугарите на Балканот (681) со седиште во Плиска, којашто подоцна ќе ги проширува границите и врз поголемиот дел од Полуостровот.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Повеќе