потајно прил.

потајно (прил.)

Потајно верував дека на иконата во ќошот на нашата спална не е светецот Никола туку чичко ми премаскиран во светец и со залепена брада.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Но минат бргу миговите на утрината и еве: веќе и пладне наближува, една мисла бавно над ведрината потајно се спушта и загрижува.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Живеејќи на чифлигот на татка си потајно демнеше згода за која ќе може да ги наклевети Акиноските пред султаните во Константинопол и да им го одземе Имотот а нив да ги направи свои раетини.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Жрепката е фрлена, жрепката е фрлена! И се случи тоа за што сите потајно копнееја.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тогаш скомина ги фаќаше и потајно ги силеа Јанческите да го тужат Тахир бег и да бараат да им биде вратен коњот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ретки злобници потајно тврдеа дека тој бил уфрлен шпион во Козар маало, постојано соработувал со властите, а сега сите ги оставил на цедило!
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Сепак потајно ме сопнуваа. Дури и на дребулии.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Потајно улам на тебе, на твојата скришна насмевка, на твоите усни во кои заоѓа сонцето, улам на строгоста на твојот збор, на твојот рапав глас, улам на твојот поглед насочен како стрела кон сонцето.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Беше малку разочарана. Потајно се надеваше дека депешата е од Петар.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
За интересирањето на уметниците за материите кои предизвикуваат психоделични промени на свеста можеби најголема заслуга има Олдос Хаксли, кој вели: “...едно сончево мајско утро проголтав четири десетини од грам мескалин растворен во вода и седнав да ги чекам резултатите”, потајно надевајќи се дека ќе успее да ги посети световите кои на Блејк, Сведенборг (Swedenborg) или на Јохан Себастијан Бах им беа дом.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Една вечер, дури луѓето од тајфата си легнуваа да спијат, Веле потајно се искраде од колибите и отиде, сам во ноќта, на градилиштето.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Дали во моменти потајно не сакав да се случи нешто што ќе оневозможи да се реализира докрај мојата одлука за останување во Маказар?
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Накратко, никогаш не сум сретнал ниту еден заколнат математичар кому може да му се верува надвор од равенките и корените, или кој потајно не верува дека x2 + px е апсолутно и безусловно еднакво на q.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Многу повеќе тоа беше поради една потајно негувана верба - или можеби не дури и верба, туку само надеж дека О'Брајановата политичка исправност не е совршена.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Покажувајќи им го сето тоа на другарите, јас се надевав потајно дека ќе го побудам некого од нив, поголем, поснаодлив, поблизок до воспитачот, да се заинтересира за мојот случај и можеби да ми помогне.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Потајно насетувам дека бесот, со кој тргнал кон Виена, е всушност насочен кон тамошниот стар психоаналитичар: бидејќи тој е неговиот вистински и главен непријател, философ кој ја раскринкува неврозата, голем разбивач на заблудите, некој кој знае што е што и добро ја познава изворната генијалност.’“ Потоа го остави написот на масата, и рече: „Со колку суптилна иронија Ман го напишал ова!“
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
…Кога месечевиот срп зелен меѓу пурпурното руменило завидливо се прикрадува – непријател на денот, со секој свој чекор потајно ги коси ружите, Ги коси сѐ дури не паднат, бледи, во сенката на ноќта: така паднав и јас самиот некогаш, од лудилото мое по вистината, од безумните мои копнежи по големиот ден, уморен од денот, болен од светлината, - паднав долу, во самрак, во сенка, од вистина Еднаш согорен и жеден за неа - се сеќаваш ли уште, се сеќаваш, пламено срце, како некогаш жедно беше?
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Тој сети со каква сила му внушува потајно Рангел да се покаже и тој арен другар.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Беше најстрашно што во продолжение на целата година пред оној ден, јас, некаде потајно од себе, се ребрев постојано од нешто такво, дека не сакав да се обѕрнам наоколу, само за да не откријам нешто такво, да не ме убие нешто такво, зашто нема ништо покревко од она, кога човек ќе потера кон една страна со сите свои дамари, полетал натаму, нема ништо покревко од него тогаш, кога ќе погледне во своите нозе и кога ќе види дека коренот му е - разјаден.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Лесно му било да го каже тоа, зашто потајно ја мразел својата млада жена и сакал да ја симне од врат за да може на нејзино место да донесе една млада Гркинка со руса коса.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Повеќе