потиснат (прид.)
Куќата сега ми е само од хоризонтали така што јас во неа сум како парче месо што секој час може да се најде потиснато во сендвич.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Потиснат од она што го чу, Мече молчеше и дури не смееше ни да го погледа својот другар што молчаливо веслаше низ трските.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Другарите молчеа потиснати од неговата тажна приказна.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
И тој останува само со придушено дишење и со потисната свест за нешто што не смее да се случи, за нешто што треба да се постигне, но што сега, некако, отскокнува во недостижна далечина.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Мразот стои врз мускулното ткиво, кое потиснато од студот копнее за твојата топлина.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Додека чекорев низ темните коридори на Атеистичкиот музеј, како во вистинско подземје на потиснатиот дух на народот, ми се наложуваше во различни изблици прашањето – за толерантноста на Албанците низ троверјето кое овде во Атеистичкиот музеј беше на нишан.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Тогаш Дејвис истакнал дека „нашата прва, единствена и главна должност е да ги победиме Хитлер и неговите сојузници, а сите други работи мора да бидат потиснати за остварување на таа цел.
„Македонија низ нишанот на САД и Британија“
од Тодор Чепреганов
(2012)
Потиснато под вода, од Долнец остана подоцна само една куќа на едно брекче, како некој светилник на пусто море.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Мајкините солзи беа најтешките капки на судбината кои таа, по цена на силно внатрешно страдање, ги задржуваше потиснати длабоко во себе, во својата мајчинска суштина, како силни знаци на страдањето и на издржливоста, со крајна цел да се одбрани семејството, како тивка победа над поразот на кој бевме осудени во егзил.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Знаете, така тврдат и најголемите психолози, дека кога сте онеспособени да се изразувате креативно (каков што е случајот со мене, затоа и ви се доверувам), вашата потисната, потенцијална енергија, ќе премине во кинетичко деструктивна.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Сигурен сум дека овој трик не сум го користел ниту прв ниту последен пат, повеќето случки се сѐ уште успешно потиснати, па не можам да се сетам дека некогаш сум ги заборавил.
„МАРГИНА бр. 22“
(1995)
Требаше само најмала искра, или некое друго поместување во душата, небаре да се отвори некаква Пандорина кутија, за да се ослободи потиснатото бреме од патувањето во Албанија.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Одново се засмејува и го гледа Лазор кој од под веѓи гледа во книгата положена на неговите, Јосифовите, колена и потисната со рацете.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Останува во сенка, незабележано... колку бразди врз челото испишав... ко нејасно кинеско писмо колку букви, толку години потиснати со времето избришани, избледени...
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Со стравот потпотиснат од надежта што ми ја врати изворот вода долу, јас се исправив целиот, со сета височина, и во летната вечер, следен од мирисите на тревите и од болскањето на светулките, се вратив во собата кај мојата машина за пишување.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Иако не бев запознаена со нејзините младешки либидинални, потиснати или остварени еротски фантазии, но од она што ми беа раскажувале постарите и го насетував, можев да оформам една пристојна слика.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Дали кај некој од неговите потомци овој потиснат сон ќе избувне, ќе наложи излез, тоа повеќе не беше во кругот на неговиот живот.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Упростено речено, во основа на сексуалниот однос се фантазматските обрасци, психичките репрезентации, мисли и идеи кои не се латентни па потоа потиснати како што е тоа случај во сонот, туку се латентни, а потоа подложени на регресија и тоа не формална, туку топичка регресија, преку сензори- моториката до оргазмот.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Во салата се понесе едно потиснато шушкање што требаше да значи: зачуденост, сожалување, а можеби и револтираност.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Неговата верба беше потисната од сомнежот во себе.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)