потсмева (несв.)
Толку се сневеселувам што понекогаш ми доаѓа да го скршам тоа злобно огледало што ми се смее и потсмева како од него да се клешти онаа лошана кралица- вештерка од приказната за Снежана.
„Игбал, мојата тајна“
од Јагода Михајловска Георгиева
(2000)
Помислив како трговецот им се потсмеваше на надмените христијански господари на кои, трошејќи ја умешноста на облекување, чешлање и правење заговори на хиподромот меѓу две трки, не им паѓаше на ум барем да се потсетат на својот народ.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Потоа полека и потсмевајќи се задивено го прочита писмото, го остави на масата меѓу книгите и пак си се зафати со своја работа.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Понесносно од ударите ми беше неговото потсмевање.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
По светлото небо пловеше месечината, наѕираше во колибата со своето насмеано лице и како да им се потсмеваше на двајцата заспани другари.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
И да не сум те слушнал повеќе да се потсмеваш. Потсмевот е сомнеж.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Очигледно потсмевајќи му се на оној што вообичаено се нарекува перверзен, во рамките и сексуалните обичаи и перспективи на гледањето, тој ингениозно ги нападнал и уништил овие статички конвенции.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Потсмевањето ги зафаќаше и другите.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Се разбира дека таму му се потсмеваа и дека тоа го оддалечи за некое време од мене.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
А лизуркото ги слуша, им се потсмева и почнува да се клешти со гласно смеење.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
…ако малечката но впечатлива епизода со дебелиот е пример par exelance за пресметка со дистанцата како неприкосновена одалеченост зарем и јас досега не размислував премногу додека пишував наместо да доживувам не сокривајќи се зад зборот зад законите на добрата реченица зошто да не го излијам несигурното созревање на чувството во линијата на ракописот користеноста на дистанцата е научена од родителите од почитуваните учители кои со лесна иронија но убедени ја негуваа скапоцената логика на аргументите а што ако така сум вовлечен во не- -јас во светот преземен толку е тешко после сета умешност да се заглушат ушите да се отфрли мрежата да се признаеш себе си внатре сонцата жежат ли жежат усните немоќно сами се потсмеваат гнездото се урива веќе ме облева летото илјадници плави нестрпливи звуци ја оставаат зад себе молчеливата погрбавена сенка...
„Или“
од Александар Прокопиев
(1987)
Ме прогласи националист, вели, а тој се потсмева со Прогласот за рамноправност, се испрдува со нашиот јазик.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Кашлаше чудно, суво и тивко, божем му се потсмева на некој старец.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Кирија не плаќа, на господа му се потсмева.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Некој го сожалуваше, некој му се потсмеваше. Така ти е тоа секогаш.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Ти ми се потсмеваш зашто жена ми таму избега со друг. Ми се смееш заради таа курва.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
- Знаат, но не ти кажуваат, бидејќи сакаат да им слугуваш и да ти се потсмеваат.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
А вие не престанувавте со смеењето. Му се потсмевавте на мојот страв.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Видоа таму едночудо Цигани, сакати и безработни бадијалџии, а видоа и нас'скани деца на Турците што се потсмеваа со џганот.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Нејзините сестри ѝ се чудеа на стариот архаичен турски јазик, со необичен, за нив туѓ нагласок. Се потсмеваа.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)