почитува (несв.)

Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане тој верен на духот на своите предедовци и да почитува сѐ што имаат тие направено за своето потомство.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Целта на Судот е да се обезбеди почитување на обврските од Конвенцијата и нејзините дополнителни протоколи.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Затоа се надеваме дека книгава ќе им даде храброст и потребно знаење на македонските работници на кои им се ускратени или прекршени работничките права – тие да поведат и да победат во институционалната битка за нивна заштита и почитување.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Токму тој вртеше со главата велејќи дека насилството не е решение и дека мораат да научат како да се почитуваат бидејќи мораат да прифатат дека тука отсекогаш живееле заедно и дека така и ќе остане.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
- Тогаш заколнете се дека ќе го почитувате ова што го чувте.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Ослободени од нивна ционистичка идеологија, чии жртви биле самите тие, Евреите ќе живеат со нас во мир и меѓусебно почитување... - велеше Арафат.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Мала колекција од дарови, израз на љубов и почитување, пријателство...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Беше многу сакана и почитувана меѓу врвните туниски жени.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Погребот бил настан што мора да се почитува.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Во тој уплашен човек Карер не можеше да види ни трага од она дете со кое играа во училишниот двор и чие лице го красеа немирните маслинести очи и една речиси постојано присутна насмевка. Цел живот се почитувале и се дружеле.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Но не со ред и за нас, зашто ниеден постар нас децата не нѐ почитуваше, за да седне да ни кажува нешто.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Обично, кога станува збор за незадоволителната состојба со работничките права во Република Македонија се мисли на тоа дека не се почитуваат правата што на работниците им ги гарантира законот.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Тие ја почитувале нејзината автокефалност и таа ја зачувала законодавната, извршната и судско-црковната и граѓанската власт за време на османлиското владеење.
„Џебна историја на македонскиот народ“ од Група автори (2009)
Го правиме заради животот бидејќи тој треба да се почитува барем додека не заврши.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Во Пансионот на видно место стоеја и Правилата за однесување со кучињата во кои пишуваше: „На секое куче треба да му се почитува правото на природен живот; не смее да се злоставува и да му се нанесуваат физички и психички болки; секое куче има право на заштита и нега; треба да се сака такво какво што е, зашто тоа не е во состојба да бира сопственик, а сопственикот го бира него; ако не чини, треба да му се помогне да се поправи, а не да стане жртва на лошото однесување и изживување; не треба нетрпение и брзање веднаш да се научи на сѐ, ами треба да му се даде време да сфати што се бара од него; не треба без причина да се разлутува или казнува, зашто и тоа може да изненади, да врати; првиот удар тоа го простува, зашто мисли дека е случајно удрено, по грешка, но ако по втор пат го удриш, сфаќа дека е намерно и тогаш ударот ти го враќа со уште поголема мера и те замразува со сета своја душа; тоа најчесто е само и нема никого освен тебе: разговарај почесто со него и самиот ќе се изненадиш како те разбра; љубовта со љубов ти ја враќа; и тоа, како и човекот, има своја судбина: не придонесувај да му е тешка; ако остари, ослепи или оглуви, ако стане неподвижно и остане без заби помисли дека тоа може и тебе да ти се случи, зашто староста е иста за сите; не однесувај се кон него како кон некој обичен предмет, зашто кога ќе го изгубиш, ќе видиш колку е жално; испрати го на неговиот последен пат и размисли дека секоја смрт, било таа и на животно, е загуба за сите: еден живот помалку на земјата”.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Уредникот треба да биде човек достоен во секој поглед, познат по својата усрдност и верност, кој ужива литературна слава без оглед што се наоѓа на државна служба, готов за корист на владата да го пренебрегне јавното мислење и почитување заради цврстото убедување во нивната целосна некомпетентност.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Таа така добро си играше со сѐ што ќе ѝ текнеше, не почитувајќи никакви правила и не повторувајќи се.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
А законот не е закон ако не се спроведува и не се почитува.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Почитувајте го како свој пријател и другар.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
И не го почитував правилото дека никогаш не знаеш што може да ти се случи по пат велејќи си „Плин имам, само да ја земам, вртам крукче и се враќам“.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Повеќе