преплаши св.

преплаши (св.)

Преплашена сум да не ме види некој што ме познава.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Жените и мажите го чекаа пред порти или го пресретнуваа на улица распрашувајќи се преплашени и жалејќи го деда Бошка што го снашло вакво зло.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
На убивањето и на клањето јас му се преплашив во времето кога од Комитетот ни наредија да ги испотепаме селските кучиња.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Тропаме по куќите и ги среќаваме нивните преплашени лица.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Мајка ѝ преплашена, ги остави жените и децата во одајата и бргу отиде отаде кај своите невестински ковчези.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Неочекувано бедното човече скокна и пред домаќинот и другите да си дојдат на себе, да го зграпчат или да го соборат со удар, се стрчна и со скок на преплашен јарец ја прерипа искривената ограда од прачки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Зачекори кутрото дете преплашено и дојде до нив.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Жените ги подаваа главите низ прозорци, излегуваа на чардаците и преплашено прашуваа што се случило.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Скржавото пролетно сонце уште не го распеало софиското зеленило, уште дрвјата не личат на мајски, цветовите пупат, преплашени од налудничавите априлски каприци на времето, цветните алеи по булеварите и парковите сега почнуваат да се шаренеат...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Едо е преплашен не толку дека со паѓањето диференцијалот ќе се оштети туку дека ќе падне на стапалата од нозете, ќе му ги здроби.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Јас посегнав по зглавје од камен а каменот цврсто ме стопи во мигот...оградена со јад и болка...каменот го сомлев...го преплашив со мојот огромен страв...мајка му на Прличев можеше да ми позавиди...само да беше жива...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Таа глава, таква, само со сол во ноздрите и во устата и со вешто врзани бравски рогови на високото чело, ја прошетале на врв копје пред тапани и пред сурли по градот; пред стариот вардарски мост ги преплашиле сакатите просјаци и им ја фрлиле на пци скитници.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Мирисот за земјата од која никна го довлече од туѓина со куп безвредни признаници на своите должници, се врати сиромав како што отиде, стар, болен и преплашен од животот, до крај нејасен за луѓето со кои се сретнуваше.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
При тоа убаво си ја чукна главата од железото но толку беше преплашен та не почувствува никаква болка.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Имаше преплашен израз, веројатно очекуваше дека ќе ѝ сторам нешто.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Непознатиот со татарски или монголски или черкески очи, ноздри, усни, гологлав и испотен, застанал и ги подвиткал топчестите раменици, го испуштил анџарот од левата рака и подавајќи ги двата прста на десната, показалецот и палецот, ги преплашил најблиските како да е невидено животно со црни или отровни рогови.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Една мала, топчеста бригадирка, преврзана со бела шамија, кога усети дека ја блисна студена вода и и’ се разлеа по градите, цикна преплашено и го испушти чанчето на земја; Мече се засркна од смеа, а после нацрпи во црпалото пак вода и уште неколку пати ја плисна бригадирката, која што беспомошно се обидуваше да се одбрани со раце: – На, сакаш уште!
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Страшниот човек ги допреплаши децата со тоа што, кога тие се свртија кон него, се принамршти и им свика: - Што правите тука, бре ќерата!
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Ме преплашува нејзиниот вресок.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Почекаа долго време,но кога видоа дека никој нема да им пријде се преплашија.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе