прикраде (св.)
Уште да додадам дека воопшто не се изненадив кога забележав дека некоја туѓа мисла ми се прикрадува настојувајќи да ми се прикаже како моја.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Газеа внимателно како да се прикрадуваат кон нешто зашто сепак не беа сигурни дека овој татнеж е она за што тие се досетуваа.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Требаше да слушнам како се прикрадуваат вашите чекори по дворот па да се поослободи сонот и да ми пријде.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Откако ги заврши работите што беше предвидела да ги заврши утрешниот ден, само за да го следи Татко во ноќта, небаре да го преземе својот дел од одговорноста од татковото замислено патување, кое еден ден можеше да продолжи во реалноста, тивко се прикраде до неговата соба.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Дождот ја нападна земјата како армија што се прикрадува во непријателска територија во глува доба на ноќта, така што, кога ќе се разбудат жителите, ќе се најдат под оваа окупација.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Таа се прикрадува со некаква страшна вест.
„МАРГИНА бр. 17-18“
(1995)
Италијанецот слушајќи го игуменот, одвреме навреме се вртеше зад себе и се загледуваше кон ќошињата од црквата: забележуваше како некоја човечка прилика се прикрадува зад нив и ги следи.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Бев навистина поспана, заслепена, ниту за момент да здогледам или барем да се посомневам дека ни се прикрадува големото зло.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Парчињата од искршените соништа ги сокрив под тепихот за да глочкаат и крцкаат, секојпат кога копнежот се прикрадува на прсти.
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)
И дали воопшто вистината се прикрадува?
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Кога повторно заѕвони, таа скоро со страв, тивко се прикраде до вратата и преку очилата погледна низ окцето.
„Младиот мајстор на играта“
од Александар Прокопиев
(1983)
А кога денот се прикраде пак во неговиот прозорец со онаа негова нерешителна виделина, во која будењето траеше долго, првото, што успеа да го открие, беше едно малечко, питомо главче, со две долги увца, кои по својата боја и по тоа како беа порастени многу потсетуваа на два листа од една мека тревка, што расте по висовите.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Со страв и срам се прикрадувам, среќа што не ме гледаат.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
И пак како онаа бубачка со многу очи виде сѐ што беше околу него - облак, сив и гол полжав, се прикрадува кон високите покриви на трите нови и бели источни згради и некаква матна посребреност на далечните грбави планини, брзи гулаби, згуснати во својот лет над камените ребра на мостот, околу кој се плеткаше лута и матна вода.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Со коса што му паѓаше над обраснатото лице, во стара парталава бунда од која рацете му ѕиркаат како две полурѓосани лопати, плашливо реагирајќи на секој посилен шум, во очите на Градот припаѓаше на онаа група питачи што се прикрадуваат до кантите за ѓубре и претураат по нив, обѕрнувајќи се како гладни пци.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
Успеа да се добере во коренот на тоа дрво; а ноќта околу не беше воопшто некаква темнинка, што се прикрадува.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Волчицата почна да се прикрадува кон трлото, полека, нечујно, речиси не допирајќи се до земјата, за да не биде пак изненадена. Но знаеше, ја демнеа, и таа во тој час не можеше да ја разбере смртта, од која скоро ослепе и оглуве.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Напротив, сметам дека сето време ја следела ќерка си, се прикрадувала зад неа, сакала да се увери дали Аксја ќе постапи токму онака како што била посоветувана, според напатствијата што самата ѝ ги дала...
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Ѝ се прикрале одзади и ја потпалиле со кутија кибрит.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Како и на секој Јов, најден на мака, ќе му се прикраде како змија мудриот пријател кој ќе почне да го советува да се мавне од „глувчешкото пријателство“ зашто, како што се случувало, и тој можел да се глувчоса.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)