пулсира несв.

пулсира (несв.)

Се појавуваат идеи дека еден ден веќе нема да бидат потребни технички средства за пренос, туку и мислите и идеите ќе се одвиваат низ чиста размена по пат на мозочни бранови што ќе пулсираат низ целиот свет, секој пронаоѓајќи ја својата цел во тој „организиран хаос”.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Тоа беше пат кој сам од себе се роди од хаосот: Огледало, отворено пред неговите очи, кое јасно го покажуваше вртежот на компасот во сите можни правци, пулсирајќи во ритамот на сончевината.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Скокна од креветот: ноќта пулсираше со ритамот на неговото срце...
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Белегот пулсираше под неговиот палец.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Жилите на слепочниците му се затегнаа. Во главата почна да го чувствува пулсирањето на стравот.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Есенцијата си го направила своето. Од главата паднале девет коски, нешто во форма на желкини плочки, мозокот цел се отворил и се гледало како пулсира, дише.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Во таа смисла, неслучајно е одбрана токму категоријата време како амблем на бројните мали светови, кои пулсираат низ страниците на оваа книга.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Речиси веднаш ногата почна да му пулсира. Беше топла. Веќе е инфицирана, заклучи тој.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Некаде помеѓу белката и жолчката на космичкото јајце, пулсираше живиот човек, со огромен потенцијал од битија, во зачнување, но никој не беше моќен да досегне до лушпата, уште помалку, надвор од маргините на космичкото јајце, надвор од моќната обвивка на Земјата.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Не помала од винска каца, главата меко пулсираше и, што беше уште почудно,зборуваше со изморен глас на астматичен старец.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Светлоста околу нив живо пулсираше, пливаше, низ облаците, се палеше и се гасеше;тоа пролетно треперење не се смируваше.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Вест која радува: младост на обликот (Модилјани) ластерки на личотијата од нов вид - а прстите на цветаева невидливи врз тилот на долгата жешка зима – мимика на притивнат протест сѐ-на-сѐ антиграматика на очајот - спознај се самиот себеси и уште (асоцијации за вратот) теснец кој пулсира – притеснета надеж клисура во која одекнува контрабас а мажите аргонаути, крзнољупци верници од инакви светови не се откажуваат од потрагата: влезот во жената е бескрајно долг да биде волјата ваша слободна!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Но зарем тоа толку многу го засегаше? Го засегаше само јасминот, пулсирањето на неговата значајна порака.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Тешко е само додека стасаш до своето место. Потоа со леснотија ќе пулсираш.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Се почувствува како дел од универзалниот ритам што пулсираше во овој свет на бавчи.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Тонејќи во бунарот на своето сеќавање, срцето и се удави во некој пелин, пулсирајќи тивко, нечујно, заморено.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Во овој роман, со мемоаристички акценти и со силни автобиографски слоеви пулсира една основна заложба или идеја, имено: помирување на разликите!
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Пулсираше и се набираше, клетка по клетка. Чукаше како жешко срце.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
- Настапија компликации, неминовни во периодот на транзиција - транзиција... трансформација... дестабилизација... приватизација... изговара Влатко со забавено пулсирање... мислата се кине, концентрацијата попушта, се завиткува во некаков бел превез, нема сила да му се спротистави на сонот, му се предава без отпор - сонот е смирувачки, благотворен, мирислив, мек - небаре е скутот на баба Мирјана...
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Но оваа рамнодушност и покрај сите пречки, неверства, алчности, нискости, тешкотии, разочарувања и предавства се обидував да ја заменам со настојувањето, желбата, копнежот, со сите сетила, со сета страст, жед и енергија да го прифатам реалниот свет, да го осетам, почувствувам, допрам, доживеам, проживеам животот кој пулсира, кој се пени и прелева, несакајќи да изгубам ниту еден момент од него, зошто моето постоење е доволна причина за мојот живот.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Повеќе