разбира (несв.)
Ама луѓето ракоплескаат, си ја разбираат радоста.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Јас, другарче, многу добро те разбирам, Ти си Македонец, да?
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Се разбира дека се насмевнав.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Се разбира, бев спремен да прифатам дека сето тоа што го рече за матежината и тешкотиите на изминатите години може да биде точно. Но и не мора!
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Се разбира дека не можеш.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Може ли само дете да си игра? Може, се разбира.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
Се разбира оти се зачува само она што можеше да се зачува и што не сакаа да ни го земат, зашто не им беше нужно и не беше опасно за нив.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Ако религиозните и националните пропаганди не посакаат да го воведат нашиот јазик во своите училишта, се разбира дека само таму каде што живеат Словени, и ако им забрануваат на своите учители и попови да другаруваат со македонската интелигенција и општество од другите пропаганди, тогаш македонската интелигенција и народот, без разлика на пропагандите, треба да изнајдат пат со којшто ќе може да се казни таа пропаганда.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Не разбирам, како може историјата да биде лавиринт?
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Се разбира во врска со спомнатите противречности ништо не ми појасни ни оној случај за циркускиот гимнастичар кој при една вежба во која учествувале сите делови на неговото еластично тело успејал толку добро да се заплетка што морале да побараат лекар за да го разврзе кутриот атлетичар.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Повеќе не се нервирам, решив да преживеам. Гледам како малите тивки патриоти ги преместуваат кириличните книги во подрумите, на своја рака, се разбира, но еден ден потомците ќе им бидат благодарни.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
- Се разбира, се разбира, - одговараше насмевот меѓу румените јаболчиња – Го гледам светот, а и тој нека ме види, да знае дека јас сум единствената на која и припаѓаш.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Такви заверки не им се даваат само на Словените Ами на сите кои отшто си ги вардат сопствените образи Ѓоа не ги разбираат потребите на новото време
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)
Се разбира, и нашите двајца генерали поверувале дека би можеле да се најдат помеѓу тие среќници, но за жал немале никакви документи со кои би го докажале својот чин во руската војска, а Борис Степанович сосема разбирливо, одбил да им издаде уверение дека се генерали. Вистинита но и тажна приказна!
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Се разбира, тој притоа мислел на идентична состојба на тотална сосредоточеност којашто некои личности можат да ја доживеат спонтано.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Во Перт има еден Преспанец кој како и сите добри домаќини си направил куќа чардаклија за од чардак севезден да ги пули ѕвездите како низ трепети му испраќаат ишарети од родниот крај што само тој ги разбира.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Истоветна лузна каква што носеше Тој на челото - ѝ изгреба и на секирата уверен дека лузните нанесени од честа не се грди, па продолжуваше сам низ планината листајќи ја како недочитана книга чиј јазик го разбираше само - Тој.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Молчешкум ги слушав не разбирајќи ги докрај тие бескрајни разговори за ликовите од албумите, кои бликнуваа во собата исполнета со чад, напати низ радосните, ведри тонови и живите раскажувачки надвикувања, понекогаш скриени во нечујните шепотливи коментари и придушениот кикот или тргнати од ненадејната гласна смеа на присутните, а потоа, другпат, лебдејќи во дневната соба, во успорените кажувања полни со паузи, со завладеани тишини и говори со стегнато грло.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Античкиот град молкум
го напуштаме
ги памтиме звуците
на животот
пред катастрофата
и се разбираме
со чкрботот на забите
и случајните крици
кои личат на оние
од мигот на уривањето.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
А се разбира можел да го спомене и библиското јаболко на гревот.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)