разбој (м.)

А јас ломотам, ломотам... И кога ќе се зафатиш со зборување може да се случи нишките од основата да ти испопукаат па разбојот ќе ги замрси конците.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Комбинацијата на автопати на податоци и проширена телевизија неизбежно ќе доведе до враќање на селската индустрија во форма на виртуелни разбои.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Откако Ленка остави кошула тенка ленена недовезена на разбој и на наломи отиде тутун да реди в монопол - лицето ѝ се измени веѓи паднаја надолу и усти свиа кораво.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Разбојот и влачењето сакаат седење на едно место, а со фурката може и на вода и в комшии да се прошета и да не губи од работата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Во една соба, која одделно стоеше во дворот имаше стар дрвен разбој и јас по цели часови ѝ досаѓав на тетка Рајна со прашања за тоа како се вика секој дел од разбојот и како се ткае.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Нема ништо за тоа како ѝ е таму, туку наместо тоа тирада за животот воопшто дека ти е како совалката во разбојот додека се ткае, те турка низ конците на деновите еднаш наваму еднаш натаму како што често знае да каже мајката Роса, ама каде е таа, Пелагија, во тој разбој, не кажува.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Млекарки со полни ведра кога се враќаат од молзење и разбој и на него мајка ти врз бесконечната ливада на веленцето што го ткае спроти Велигден да гледаш постапно како никнуваат на милиони цвеќиња, тревки, плодови и незаборавна, точно во тие години, во пределот на првиот допир, да почне една војна, постапно да го изумуваш својот татко, тој да исчезнува низ времето, да потече и крв од твојата нога за да сфатиш дека твоето детство стои допрено како божјак до војна и молчи...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
На Велја среда го пресече и го извади разбојот од тремот, за да ѝ го отстапи по Велигден на Митра и таа да чкрипне некој и друг лакот шајаци или некое козинавче.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Јас веќе сосема ги имав пленето сите во класот со мојата уметност на разбојот, и бидејќи изведував секакви вратоломни фигури на разбојот, бев еден вид општ херој (освен за Луција, која од инает не ми посветуваше никакво внимание; јас веќе реков дека тој инает тогаш не го сфатив онака како што требаше, како маскирана наклонетост, оти бев во бестрага чесен и неупатен во општествено верификуваните ритуали на маскирање на чувствата, па за мене инаетот значеше – инает и ништо повеќе).
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И потем Фисот ме фати за коса, ѝ рече на Луција „Избриши го“, и таа потем долго ме бришеше со шамичето; гледав солзи во нејзините очи; тоа не беше онаа Луција од разбојот, којзнае дали некогаш воопшто и постоела таква Луција, си мислев; гледав пред себе жена во солзи, сподобие страсно во писмо што го преточив, во песни; жена со очи гулабови; со коса како стадо кози, кога слегуваат од Галадската гора; со заби – стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња и јалова нема ниедна; со усни – алова панделка, со уста слаткоречива, со јаготки на лицето како половинки од калинка; вратот ѝ е како кулата Давидова, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; градите ѝ се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови; еве ја, плаче пред мене и ми ги подава рацете, и вели: дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања; еве ја, стои пред мене и јас ѝ велам: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Предената се исушија и уште другиот ден Доста ги свитка од мотаници во клопчиња и ги остави во земникот додека да ја приготви основата. Да беше кабил око да не затвори, само што побргу да го кладе разбојот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ми чкрипи разбојот, вели, ги провирам малките меѓу основата во брдата, и како ќе чкрипнам со чкрипците, така ќе ми се скине јатокот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ни на сон не можев да претпоставам дека уште тогаш, кога вежбавме на разбојот, и тој ја гледал со исти очи како јас што сум ја гледал, како маж што гледа жена.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Кај Сукаловци животот почна да си тече нормално. Мажите одамна ја привршија сеидбата; жените ги уредија каците и легнаа на женските работи околу разбоите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Пусто нека остане, си велам, вели, и веленце и разбој и кросно и брдила.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Реков дека пишувам песни, одлично вежбам на разбој и дека свирам саксофон (младите во тие години мислат дека се сестрани) и дека од тие три нешта ќе изберам едно за моја професија.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И земам го растурам разбојот. Имав еден ложник клаено за ткаење ама одам ја кинам основата, ги истргувам повраталките, го вадам кросното, фрлам, чкрипци, ништи, малки и брдила, ги урнувам демите, ги клоцам подношките, сѐ.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Таа пролет дури и разбојот замолкна...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Пули туа... Сендуците испокршени, мојте невестински руби изрвани, љуљката о која ми порастее дечките - испокршена и разбојот комати сторен...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Или, зарем ако немало ништо, ќе ме прегрнеше тогаш, во фискултурната сала, под разбојот (макар и од бес да ме прегрнала); зарем ќе се согласеше да стоиме така пред сите, пред целиот клас, два долги мига, бескрајни секунди, лице во лице (носевите речиси ни се допираа); и зарем ќе ѝ речеше на својата најдобра другарка (која беше, за среќа и моја другарка, и како што бидува обично во тие младешки години – беше поштар меѓу нас двајцата), зарем, значи ќе ѝ речеше дека песната од први клас сѐ уште ја чува, и дека не прочитала ништо поубаво до сега од таа песна, ама дека не може да се согласи дека девојката опишана во песната е таа, оти таа, Луција, е лоша, грда, недостојна за таа песна; и зарем ќе ѝ речеше на таа девојка дека ја загрижува тоа што од првиот ден во првиот клас веќе не сум ѝ напишал песна, и дека не знае зошто е тоа така?
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе