разгласи (св.)
Во сето тоа наоѓајќи и дел виновност кај селаните од под црногоричината планина и предизвикани од нивното одбивање да ја признаат врската со Селџик-бег, неколцина Турци го подбуцнале ненаспаниот Али-бег да објави дека ќе го покачи уемот во својата воденица и да разгласи дека ќе биде убиен секој што ќе се обиде да стави камен врз камен за идна и независна воденица.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Потоа, останете таму над него и разгласете дека е тој убиецот на Ѓорчета и дека вие сте му одмаздиле во името на Македонија.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Лишките немаат врска со оваа работа, вели налутено Максим и во истиот миг се прекорува себеси што откако се заветува зимоска дека еднаш ќе го отепа кобникот од Камен, а не го стори тоа, не се стори ниет ни да се сети на него, а еве сега на друго си помислува, поправо зад друга помисла се затскрива: и да го отепаше, и да разгласеше дека е бувот отепан, луѓево пак ќе веруваа дека тие, лишките, им ја донесле оваа несреќа, а не тој, Лазор Перуноски, во час на пијанство.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Лазор, кутриот, се сврте наврапито спрема Максима, но Мустафа ефенди, како и сите Турци голем љубител на борењето, рече Јас ставам две лири на нашинецов и веќе немаше кој да одречи да нема борење помеѓу нив, помеѓу Лазора Перуноски од Потковицата и Иса од Кичевско: Мустафа ефенди го испрати протуѓерот да ја разгласи борбата за точно напладне во Али чаир па сите заедно слегоа во дворот на општината за да ги состават борачите.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Откако ја прими веста, стариот Карче не побрза да разгласи по Ресен дека в недела ќе го свршува синот.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
И неговата Игра добиваше нешто детски наивно, чедно, она што критичарите подоцна го означија како „обнова“, како „светла искра на надежта“, но што тогаш беше разгласено за старечка инфантилност.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
За чубур крв смртта ќе штрека со голите заби нечуен акорд, за крв и за куп жили и за коски подземјето со татнеж ќе ја разгласи хероиката на непостоењето.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Додека ги бараше вистинските зборови, се разгласи сета маса на плоштадот и повеќе ништо не се слушаше.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
ЈОРДАН: Бидува! (Стојче веднаш истрчува да разгласи на другарките од Симка за нејзината свршувачка).
„Печалбари“
од Антон Панов
(1936)