разлика (ж.)
Целосно се укинати правата како паричната помош и надоместокот на трошоците за превоз и исхрана за време на стручно оспособување или преквалификација, а статусот невработено лице и правата кои можат да се остваруваат во случај на невработеност им се ускратени на лицата кои го имаат прекинато работниот однос по своја волја и на една цела категорија граѓани – земјоделците, односно вршителите на земјоделска, сточарска или друга дејност, без разлика на нивото на приходи.
„Обезвреднување на трудот“
од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев
(2010)
Но таа разлика можеше да се забележи само напролет, кога цветаа.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Помеѓу овие компетентни искажувања разлика не постои.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Ако религиозните и националните пропаганди не посакаат да го воведат нашиот јазик во своите училишта, се разбира дека само таму каде што живеат Словени, и ако им забрануваат на своите учители и попови да другаруваат со македонската интелигенција и општество од другите пропаганди, тогаш македонската интелигенција и народот, без разлика на пропагандите, треба да изнајдат пат со којшто ќе може да се казни таа пропаганда.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Може ли да се претскаже каква ќе биде судбината на Македонија под Австро-Унгарија: Босна и Херцеговина јасно ни покажуваат оти не ќе поминат ни 10 години од австриската окупација кога ќе зафатат Македонците, без разлика на вера и народност да си ги оставуваат своите катови и да се иселуваат.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
12. Ќе одиме во потера, а командирот ни држи краток политички час: Ќе го ширите братството и единството со сите луѓе, без разлика.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Тој веруваше во прогрес кога се совладуваа границите, наложени од морално поделеното човештво, само хармонизирањето на разликите може да ја оправда човековата егзистенција...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Музиката и желбата за забава ги бришеа овде бргу разликите меѓу луѓето дојдени од сите страни на светот.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Му се восхитуваше на тоа мало човештво составено од толку различни луѓе, кои живеат со векови заедно, без многу да се мразат, успевајќи да ги совладаат разликите, кои во другите предели на некогашното царство толку тешко се хармонизирале.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Но Аце на 28 години имал поголеми мадиња за разлика од сите овие педесетгодишни давајгазовци кои во своите битки можат да се пофалат само со разранети колена и згрбавен рбет.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Но ако во неговиот јазик има гласови што ги нема во јазикот од којшто се позајмува азбуката, тогаш позајмувачот на туѓата азбука ќе направи некои изменувања и дополнувања на неа, со кои ќе биде означена разликата во гласовите меѓу двата јазика.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
За разлика од припадниците на малцинските групи определени според расна и етничка припадност или според вероисповед, геј- мажите не можат да сметаат на тоа дека семејствата во кои се родиле ќе ги научат за нивната историја и култура.
„Како да се биде геј“
од Дејвид Халперин
(2019)
Затоа изучувањето на таа задача и исполнувањето нејзино бараат учество на сите Македонски Словени во неа, без разлика на верска и национална боја.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Таа разлика почива на инхерентното значење на состојбата на необичната стварност.
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
Во теолошките науки се јавиле разлики помеѓу католиците и православните христијани.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Српските воспитаници играат важна улога во македонското прашање, без да се обраќа внимание на тоа дали тие работат под бугарска, под српска или под македонска фирма, како и без разлика дали се тие во морален однос луѓе високи или не.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Никогаш за толку кратко време големите разлики на овие луѓе не биле толку брзо збришани, претворени во заедничко верување.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Пела и во сонот се појавуваше како сонце, бело бело и топло а потоа таа викаше бате Дончо јас и ти сме брат и сестра нели а тој нема глас да ѝ одврати дека тие двајцата не се брат и сестра само нивните мајки во исто време ги имаат родено и оти се најдобри другари им кажуваат дека се полубрат и полусестра и сакаше да ѝ каже дека се само две деца таа момичка а тој момче нели таа женско тој машко како што има жаба машко и жаба женско како што има гугутка машко и гугутка женско како што има којн машко и којн женско како што има вол машко и вол женско и ние сме како нив и токму ска да ѝ каже во што е разликата меѓу машкото и женското го изгубува привидот на Пела сонцето и белото и ќе врекне со широко отворени очи Их, пак само сон!
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Подолу потписнициве велат: „Поради жалните резултати од таквото разделување на христијанското население во Македонија на разни групи непријателски настроени едни спрема други, ние уште пред издавањето на весникот „Балкански гласник“ се обидовме во вид на литературен клуб да основеме кружок што би имал за цел да ја обедини македонската интелигенција во Србија во едно цело, без разлика на убедувањата, и кој би се грижел за создавање единство на мислите сред македонското население.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Тука се спушта пердето
реската разлика
која ги двои луѓето
и од нив прави
некој друг
секогаш друг
мизансцен!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)