различен прид.

различен (прид.)

Нашиот разговор не можеше да се продлабочува, иако, во основа, ние немавме различни гледишта.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Речиси иста судбина во различни времиња.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Умот го проектира и го рефлектира целиот свет и затоа светот и животот во мене и околу мене и во моите очи е секогаш поразличен од сите други.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Светот дефиниран само преку приватната сопственост неопходно исклучува какво било постоење на јавна сфера која би била инклузивна и широко репрезентативна на разноликоста на различните јавности.
„Простори на моќта“ од Зоран Попоски (2009)
Првиот чекор се вика сегментација и во него целата површина се дели на сегменти кои се кандидати за различни смислени целини на сликата.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Во Солун, малата Ервехе засекогаш ќе ја види и ќе ја научи лекцијата за тоа колку се луѓето на Балканот измешани, различни, неспокојни.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Му се восхитуваше на тоа мало човештво составено од толку различни луѓе, кои живеат со векови заедно, без многу да се мразат, успевајќи да ги совладаат разликите, кои во другите предели на некогашното царство толку тешко се хармонизирале.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Македонците не се запреа на таа двојна игра со различните изјави пред Бугарите и пред Европа.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Во старите пописни книги на населението и имотот, во тевтерите на воените и даночните обврзници, па во хрисовулите на византиските императори, Потковицата се споменува како феуд или црковен посед, а во ферманите на турските султани, испраќани во врска со собирањето на даноците, со ајдутите, со побуните и казнените експедиции, како султански имот, Хас чифлиг, под името Загориче, кој, најверојатно, зашто се најдува точно на границата помеѓу Битолско и Прилепско Поле во различни времиња потпаѓал под управа де на едниот де на другиот град, но за луѓето кои живееле тука, за нивната раса, религија и бит ништо не се споменувала.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Различните конфесии не ги разделувале меѓу себе, а ниту туѓинците не можеле да ги раздвојат.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Очигледно не беше свесна дека љубовта се јавува во различни облици и нијанси.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Размислував за нив гледајќи ги седнати на асталот еден покрај друг и се прашував што ли ги спојува овие две суштества толку различни едно од друго.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Можеби признавањето на обратните различни пропусти во животот многу нив ги зближи...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Покрај надворешните граници на новата Република Албанија, превладуваше густата пајажина на внатрешните граници на земјата помеѓу различни принципати, минијатурни ефемерни републики, прогласени и одржувани во поделената земја од окупационите сили на Сојузниците, од големите фисови, верските конфесии.
„Граница“ од Луан Старова
Татко не му го откриваше на Климент Камилски својот крунски аргумент за да се откажат од проектот дека турцизмите, односно османизмите во подалечните времиња, останале како единствените сведоштва за историскиот континуитет на различните народи кои живееле во османскиот дел на Балканот, заемните влијанија меѓу балканските јазици кои придонесоа во создавањето заеднички менталитет олицетворен во балканскиот јазичен сојуз.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Стопаните на Имотот, возрасните, беа собрани на чардакот, гледаше на запад, во сонцето; мажите редеа некакви дрвца, различни фигури, на ишарана табла, а жените везеа на ѓерѓев, додека децата нивни растрчуваа низ дворот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Чудесниот езерски пејзаж го дополнуваа многубројните птици од различен вид.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Има различни куќи и во нив живеат различни живи створови.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Погледот го запре пред рафтот со речниците, во кои беа собрани илјадници различни зборови на многу балкански и други јазици.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Тоа ќе ја натера македонската интелигенција со различно образование да се сплоти во едно за да го обедини нашиот народ, но веќе не врз таа основа што си ја покажа сета своја неодржливост, а врз друга, врз чисто македонска.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Повеќе