рамно (прил.)

Полицаецот сташно мрдна со мустаќите и го повлече за ракав старецот; на овој му паднаа напукнатите очила рамно под тешката стапалка на писарот кој потскокнуваше и мавташе со раце.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Се чудам како може и стрмно и рамно да се стави во толкава слога.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Има ли Русија морално право да ги заштитува нарамно со бугарските и српските интереси?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Во друштво со неа крај морскиот брег, брановите звучеа како погонска сила за неговите чувства, дуваше освежувачки солен воздух со блага доза на афродизијак, добрата риба беше предобро приготвена и белото вино толку лесно му се лизгаше низ грлото правејќи сѐ пред него да биде рамно и проодно до бескрај.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
На исто таков начин се нацртани и нозете, само што тие раснат рамно со главата.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ту му е сѐ полно и рамно, ту му е сѐ празно и далечно.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Го наполни рамно и го крена.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Еден ден дојде кај мене во училиштето дедо ти, изброи рамно сто жолтици и ми го раскажа ова што јас сега тебе ти го раскажувам.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Отворањето на фиоките е рамно на отчкринувањето на волшебна кутија: смекнатата браон банана меѓу копчињата, виљушката до моливот, тој до кремата за бричење.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Некоја радост ме поткрева над земјата и ништо нема да ми запне, да ме препне. Сѐ е рамно, полно и недогледно.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Откако изброил на едно купче рамно сто жолтици, ги турнал пред стрика Никола и рекол Овие ви ги оставам вам за ваша издршка и за издршка на Драгана.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И додека тој одеше од таа страна на ѕидот, јас рамно со него одев од оваа страна, сѐ до овдека, до Источката Порта.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Да живеат сите ножови на светот, рече тогаш хирургот и ја исипа сета ракија од својата чаша рамно в грло.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Спротивно - Арсо ја дигна едната веѓа и го фати шишето за грло пркосно гледајќи рамно во скрвавените очи на противникот.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Бело е варосана и рамно од подот и покрај ѕидовите има подѕидови, исто бело варосани и послани со веленца и рогузини.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И ова речениците - башка сѐ исто, рамно идат, нема осцилации, не можеш да видиш ти се радува ли или ти се лути.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
По него, ама за чекор, скоро рамно со него, одеше Геро како асистент - снимател, со камерата на рамо, небаре со прваче на кркач, а на папокот му ѕвечкаше синџирчето со клучето и ножето, како срмен пискул за џебен саат со капаче.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ленин ова ќе го оправда со ставот дека отстапувањето од граматичките норми во однос на невештото служење со јазикот, се разбира, вклучувајќи ги тука и заемките, е рамно на партиска девијација во животот...
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Ама подоцна, кога созреа, најпрвин во партизанските одреди на ЕЛАС, потоа во Егејската бригада, па служејќи во Југословенската народна армија, а потоа и во народната милиција, размислуваше, а размислувањето понекогаш беше рамно и на неизвршување на наредба...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Две топчиња тргаш налево, едно надесно и, толку по толку, рамно толку.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Повеќе