раскажување ср.

раскажување (ср.)

При сето тоа, при поругите и клеветите изговорени на сметка на неблагодарниот слушател, а за потврда на вистинитоста на своето раскажување и за потврда на својата раскажувачка вештина, зема да набројува дати и личности уште од пред времето за кое раскажувал, кои на овој или оној начин удриле свој печат врз животот во Потковицата и врз животот на сета Македонија.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Речиси секое утро ме расонуваше раскажувањето на некој сон што претходната ноќ го сониле или татко ми или мајка ми.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Поимот сага е условно употребен во балкански и семеен контекст зашто неговата генеза потекнува од раскажувањето за исландските кралеви.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Раскажувањето од гледна точка на нараторот, дете на интелектуалец, пријател на водачот на козарите, ја предочува реалноста на животот на оние кои постојано живееле како осумничени, за­што не ги споделувале идеите на новиот режим на власта...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Може да се каже дека божјаците расфрлени низ расказите на Ренџов се солта на неговото раскажување, и можеби од нив потекнува главното чувство што тие раскази го будат.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Од раскажувања знам кои беа тука, каква им беше живеачката, та затоа од возбуда ми треперат колената и полека, небаре се пробивам низ некоја голема мрачна сенка, пред очи ми се јавува сеништето на болните спомени што како наследство ми ги оставија моите родители и многу други кои во Перењас ги поминаа најтешките времиња по своето искоренување од родното место.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Со тоа раскажување доаѓаше до израз сета прикриена дарба и невидена способност на баба, која имаше силно развиено нараторски талент и осет за трансформација.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Ако ѝ се поверува на последната прикаска како на неоспорна вистина, случајот со коњот што љубел вино е сосема поинаков, речиси дури и понеобичен отколку во другите раскажувања.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Таму тој остана сѐ дотогаш додека учителката не го заврши раскажувањето на убавата приказна што ја имаше подготвено денес за децата.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
И самиот во раскажувањето беше сличен на лавина што се спушта од глуви врлежи, со татнеж, разбрането и грозоморно уривајќи на својот пат стогодишни стебла и довлекувајќи со себе мирис на покосена боровина.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Циљка со променет глас, во кој се чувствуваше и жал и прекор, ја фати нишката на своето раскажување и на сите им се стори дека во земјанката подувна некаков друг ветар и дека други звукови ја исполнија целата просторија.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Обично ме моли и ми се умилкува за да ме наговори на раскажување.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Неговото раскажување се ближело кон крајот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тоа што нам ни личеше на кавга меѓу татко и син всушност, беше преиспитување на нивните сили во раскажувањето.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Мажот е желен, жената пожелна и така во недоглед возбудата на раскажувањето живнува јазикот е топол како крв ласцивен кога бликнува опсцен кога засирува јагула-јазик совршен и кога е разголен без кошула без лушпа како од матка изведен!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Сега, допишувајќи го ракописов во утринските часови на средата во таа недела, тој се плашеше дека може да му се случи да го развлечува раскажувањето само и само да навлезе во последната страница од зелениот блок и така да го подмири својот предрасудок на штета на ракописот, да не му направи услуга на своето дело.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Задоволството од раскажувањето приказни е во самото раскажување. Раскажувањето е времеплов...
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Македонија е школски пример за фантастика - за премин од едно на друго рамниште на раскажување; - за премин од реалниот во измислениот свет - за губење на границите.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
1. На мојата работна маса цел куп книги и фасцикли со исечоци од списанија и весници, извадоци од архивски документи и од објавени мемоари на политички и воени челници од двете завојувани страни во граѓанската војна во Грција, селектирани белешки од фалбаџиски топорења, измислувања, лаги и кодошења и во одделни коверти белешки од обични, простосрдечни раскажувања на живи учесници и сведоци во кои се сочувани најавтентични доживувања од времето кое како лишај и лош сон е залепено и врежано во нивните и наши спомени.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Па нешто конкретно да се случи и потоа од Карпош па до Аеродром да си пишува колку сака, ако има за раскажување, па сите да видат.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Повеќе