раскине св.

раскине (св.)

Навистина, би било убаво под опојот на хашишот да ги раскине вените и да се пренесе во весел заборав.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ако по склучувањето на договорот настапат околности што го отежнуваат исполнувањето на обврската на едната страна или ако поради нив не може да се оствари целта на договорот, а во едниот и во другиот случај во таа мера што е очигледно дека договорот повеќе не им одговара на очекувањата на договорните страни и дека според општото мислење би било несправедливо, да се одржи во сила таков каков што е, страната на која ѝ е отежнато исполнувањето на обврската, односно страната која што поради променетите околности не може да ја оствари целта на договорот може да бара договорот да се раскине.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Директорот на циркусот го раскина договорот со мене.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И јас и другите другари на секој дел од снагата имавме по некоја лузна или сини колтаци, а кошулите и палтата ни се раскинати од дрпање.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Му ја раскина кошулата и неговите тврди прсти бргу зашетаа по градите, рамењата и рацете.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Како рече, дека таму некаде веќе не ги слават светите празници? -Тие таму раскинаа со верата.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
О, скоро пеколот ќе ја раскине неговата утроба.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Бре, бре, што насмевка ќе беше тоа, да ти го раскине срцето со нож од јагоди...
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
По дома муабет за дечко беше строго забранет и немаше таква категорија на роднина додека не се даде збор или свршувачка, ама затоа постоеја другари, блиски, блиски... па кога ќе раскинеш, оп - нов другар, уште поблизок, ама овој е најдобар по физика и, всушност, ти прави чест што секој ден одвојува време да ти потпомага во градивото.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
6.  Формалните договори можат да бидат раскинати со неформална спогодба, освен ако за определениот случај со закон е предвидено нешто друго или ако целта поради која е пропишана формата за склучување на договорот бара раскинувањето на договорот да биде извршено во истата форма (чл. 60, ЗОО).
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Тој ден попладнето како да се раскина небото.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
- Само затоа што се обидувам да ти помогнам да го раскинеш превезот на бладањата. Само затоа, нели?
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Спиев со Ина, се парев со неа, ја обожував; по три месеца изведување на точката со скалата, веќе вежбав на трапез и станав третиот во точката на Ина и Светлана; ги прошетав сите европски градови; читав многу и се дружев со вистински луѓе, носев вистинска облека и пиев вистински вина; потем раскинав со Ина и своите потреби ги задоволував со многу жени од надвор; но со Ина останав сврзан со папочна врска и натаму, и вообичаено, спиев во нејзината приколка. Таа ми беше спасител; сѐ на овој свет.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
„Спојот на технологија , контрола и страст во време на доцниот капитализам, и обидот тој да се раскине“, како што вели истражувачот на медиумите Peter Weibel , „се теми на неговите текстови“. Burroughs рано го воведе поимот на вирус во својот книжевен универзум.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
На шестиот ден од Неделата на омразата, по парадите, говорите, извикувањата, пеењето, транспарентите, постерите, филмовите, восочните фигури, удирањето на тапаните и завивањето на трубите, по тропотот на чизми во марш, чкрипењето на гасениците на тенковите, брчењето на бројните авиони, пукотот на топовите, по шест дена исполнети со сето тоа, кога големиот оргазам наближуваше до својот климакс, а општата омраза спрема Евразија завршуваше во таков делириум што толпата, само да можеше да ги дограби оние две илјади евразиски воени заробеници што требаше да бидат јавно обесени на последниот ден од прославата, без секакво сомнение ќе ги раскинеше на парчиња со сопствени раце - токму во тој момент беше објавено дека Океанија сепак не била во војна со Евразија.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
А Гегата крволочен јас, бесна ко Менада, би го раскинала со заб.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Бузо не кажа која била причината што го натерала Едноокиот Полип на таква гнасна и нечесна акција; Ѓеле донекаде ја објасни причината зошто сите на бродот не се согласиле со капетанот и енергично се побуниле против неговата желба, но требаше повеќе и поубаво да ги објасни и расветли душата и срцето на тие луѓе; Васе доста лесно мина преку храброста и смелоста на оној што со маки ги раскинал јажињата и го ставил на коцка својот млад живот; Марко не го протолкува и не кажа ништо за крајот на приказната.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
- Леле, внуко, Ѕвездо моја, како да те крепам, мило? да ми станеш, мила Ѕвездо - ти да станеш - јас да легнам - зашто мене ми е редот - јас да умрам и куртулам - од пустава старост мачна подгрбена, снемоштена, без домаќин - без чедото - сосечено од душмани - стани, мила моја Ѕвездо - мене стара да ме легнеш! - зашто змија ме каснала - отровница, проклетница - леле, злоба озлобена ме раскина, ме парчоса - да си појдам во темната - во темната безденија - мене таму ми е редот...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Тогаш ѕвероглавите ме раскинаа. Еден го носеше мојот мозок, другиот со забите ги кршеше коските на вилиците, на вратните пршлени.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тишината што завладеа ја раскина далечно биење на камбана.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Повеќе