раскошен прид.

раскошен (прид.)

Парадата на раскошната тоалета започна уште пред влезот на хотелот. Довчерашните девојчиња зрачеа со божествена убавина.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Оп, ми прелета пред нос еден галеб кој мигум се стори раскошна галабица. Павташе со крилјата во ритмот на Интернационалата.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Во водата некој беше истурил масло, во кое се прекршуваа зраците создавајќи раскошна ѕуница. Ѕуницата доби кружна спектрална боја.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Однадвор Сарајот личеше на раскошна галија на два ката, со впечатлива фасада чиј двор го заплиснуваа далгите на морето, а стреите му ги надлетуваа морски галеби.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Патуваш по границите рани, странични на вселената – изведена смисла/свет а таму душата лебди, бдее бедеми бедни та раскошни со плимата плиска со осеката секне секавично и ведно гледаш и мижиш во длабините и самиот длаб на етерот бладање, сон на сенката светилник на помрачението блаженство во јадот страст за питие смрт и заборав за лага и заблуда за облик, опиум!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Не можев да сфатам во што сум живеел, во каков кафез; не можев да сфатам дека таа лажна граница на космосот што ја поставаат системот, политиката, општеството, сведувајќи го целиот раскошен космос на три зони: секс, политика и економија, може до толку да ги затапи сетилата на човекот, та овој да престане да го гледа невидливото: подвигот, она зад онаа страна на нештата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Зад кулисите на човечката суета, Додека трае тој краток допир на лежерна опуштеност Како втор Рембрант ван Рејн, што ја оживеа природата на платно Јас на лист бела хартија и црно перо во стилот на виножитото со раскошни бои ќе го насликам светот.
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
И карваните со сѐ побогати и пораскошни дарови, непрекинато ја искачуваат петринската планина и се спуштаа во благото преспанско поле...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во таа уметност, на стари ноти, во познати тоналитети, наместо за прекуморско писмо од љубената, се пее за мобилен телефон; наместо за параходот што заминува, се пее за семафорот што го разделил љубовниот пар, оти таа минала на зелено, а тој морал да сопре на црвено; се пишуваат дебилни романи во кои една иста жена, Македонка, трипати ја силуваат, за петнаесет минути, еден по друг, српски, грчки и бугарски капетан, па со тоа се изразува трагизмот на македонската жена и на македонската нација поделена меѓу три аждери што сакаат да ја лапнат (притоа, овој раскошен дебил од писател не ни помислил дека на жената можеби ѝ е убаво со тројца, особено што сите тројца едвај издржале петнаесет минути, што за здрав маж е одвај десетина од сексуалната игра (овде намерно го натценував траењето на сексуалната игра, за да ја пленам Луција; очигледно, уште ми значеше, и покрај сѐ што ми стори).
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Раскошна со елегантни движења, гордо танцот го продолжи.
„Од дното на душата“ од Александра Велинова (2012)
Мирис од лаванда се разлеваше, раскошна сласт и медовина Слепо го протнав клучот низ вклештена клучалка недопрена, незабележана од туѓи погледи...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
И потем во светлина раскошна, со музика семирска се спушти над мојата глава, ми ја позеде раката, го фрли мојот груб калем од железо и во раката калем од лач небесна ми стави; калемот сам почна да пишува со раката моја, и до првиот час по полноќта, кога првиот петел се гласи, писмото за господарот мој беше готово, и јас знаев која буква на кое нешто му одговара.“
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Буквално болен од љубов, стенкајќи одвнатре со секое нишање на возот и загрижен дека засекогаш сум оштетен, ѕиркав надвор во жолто-осветлените станици каде осамени мажи стоеја пред огромни реклами, слики на раскошни манекенки изобличени со графити - истите стари навреди и повици; ДА ТЕ ЕБАМ, ПУШИ МИ ГО.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Одевме и јас во носниците го чувствував познатиот, за мене речиси анестетички мирис на лакот за железнички прагови; од детството тој мирис ме возбудувал, ми носел возбуда како да сум пред голем и непознат пат, ми ги опивал сетилата и ми создавал раскошни визии.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Еден петел, но не кој било петел, туку голема, горда, убава и раскошна птица, која управуваше со кокошарникот, и за тоа нешто беше свесен, за Милан беше симбол на машкоста и власта.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Берзата е старовремска зграда, во стилот на раскошниот барок. Монументална.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Сѐ набабрува, буи, и тоа вознемирува. Се насетува доаѓањето на топлото и раскошното.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Убави моми, со раскошни носии, со мозаични бои, со погача и сол, ги пречекуваа гостите и им пожелуваа добредојде.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Потаму се гледа липата. Не останало веќе ништо од нејзината раскошна убавина. Гранките сосем ѝ се голи.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Говореше дека неколкупати во животот имал прилика да му се укаже силна светлина, и дека не можел да сфати како никој околу него не може да ја види; таа светлина, велеше, во неговите сетила побудувала и некаква раскошна музика.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе