распука св.

распука (св.)

Од кај исток се распука модрината на ноќта и небото прво зарудеа во црвени пламења, а после од некаде зад планината изрони и усвитеното коло на сонцето, кога бегалците избија на прашниот белузлав пат што се извиваше како змија по грбот на планината.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Како огромен шарен килим долу се простираше полето и искапено во утринската роса се преливаше во златото на узреаните оризови класја, во зеленилата на тутуновите стеблинки, а тек-тук се белееја и снежните пахулки на памукот што избиваше низ распуканите чушки.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Црешовото топче пукна! Но и самото се распука - ...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
А, за секоја евентуалија, за нечитачите, на тезгата ќе изложам грицкалици за нокти за нервозни гризачи, камен за распукани петици, жилети за очајници и фластери за оние што по сечење вени стануваат пишман, па, ако пишаниот збор случајно не им се допаѓа и оние од инспекторатот при министерствата за разни и безобразни, како и за сѐ и за ништо, може ќе бендисаат некое сино пенкалце или запалка со која ќе оди резервоар со плин за полнење за штедливи, со моето отпечатено име со златни букви на него, како кандидат за – ништо и за никаде!
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Тогаш отпочна еден бој, во кој многу глави распукаа и целиот снег на брегот на вирот, покрај што беше в час изгазен и со крв се ишара.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И одеднаш, а за него толку многу во вистинскиот миг; во оној највистинскиот и единствен миг од вишнеењето на ова негово будење, таа пукната сина шир пред неговиот поглед ја распараа неколку црвеникави штркнати, прачки, исто како да се распука нејзиниот свод.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Овде-онде распукани, парчосани олуци, како нечисти крпи одамна излезени од употреба.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Една ноќ додека туриваше како да беа распукани небесните мориња, Трајан се искраде до шумичката, се завлечка во неа и се најде отаде границата - на грчка територија.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Контрастот е очигледен: десната страна - водата се повлекла, најпрвин било тиња, сега е распукана сува земја, штици за премин од она малку вода накај шамакот.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Затоа што и Билјана додека го белела платното, а Ајше со пирајка ги млатела чергите на река (биле доволно стари и мажени за Климе и Реџеп) со белото месо на натколеницата која била намокрена, на случајниот минувач му била копнеж со години... и сликата на испуканата земја покрај босите нозе никогаш не му исчезнала од главата, а со неа и прашањето: „Кој бил најжеден - земјата исушена, жената распукана како лубеница со раскрачени бутови, или... тој?“
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
V Танаил каменоделкачот, работејќи долги години на својот занает, ги познаваше камењата во детали, на секој камен што го обработуваше му ја знаеше душата; ќе го пофатеше, ќе го испревртеше со рацете или со лостот, ќе го потчукнеше со чеканот неколку пати од сите страни, како железничарот што ги проверува тркалата на возот дали се пукнати, и ќе узнаеше какво му е срцето: здраво или не; ќе му биде ли верен до крајот на обработката или ќе му откаже на полпат; ретко му се случуваше да се излаже, да го делка некој камен, да го дотерува, да го обликува со денови, со недели, а често и со месеци - и на крајот да му пукне, да му расипе сѐ; а кога ќе му се случеше понекогаш тоа, - Танаил го фрлаше чеканот и глетото и налутено седнуваше крај каменот, неверувајќи дека навистина му откажал, распукал; врвеше со прстот преку пукнатината како преку рана, како преку болка; стоеше така долго време загледан во пукнатината и сиот ифрит, јад, не земаше веднаш друг камен да работи; ќе испушеше цигара, ќе се напиеше чашка-две ракија, и откако ќе му поминеше маката и лутината, започнуваше да одбира друг камен вртејќи го долго време пред да го направи првиот удар со чеканот и глетото на него.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
4. Меѓусвет: габи Нивните форми ни сраснуваат за погледот и се огледуваат, привидни призраци, во воздухот: чадорчиња затворени со сласна слузокожа во бела мека лека обвивка памучни жизнерадосни белутраци млечни фереџиња повлечени, со тек на време како лажни ветувања демодирани манири на постоење; дволики појави, многуглави ламји - сенките предвреме да се насетуваат со флуид на влекачи и глодари за да биде кошмарна прошетката да има наезда на невестулки да има сѐ на претек: царски ѓубрарки, сончарки или „кукмарки“ (име за сѐ!) галапки, пупавки, млечки, рујни рујници јајчарки со боја на манго на папаја, јапонско лале или јаболко летни вргањи распукани како петици како суводолица збувнати небаре херпес по грозница.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Главатарот скокаше, можеше земјата да се распука под неговите стапалки.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Зачекорил, застанал. Во мрморењето на луѓето можела да се чуе споулавеноста на стравот дека во ваква ноќ, трескава од свој студ, водата се дави во замрзнатите мочуришта и дека земјата, за да не се распука од глад, им ги џвака заспаните жилички на тревите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Шеесет дена и шеесет ноќи траеше тој пат, од тргнувањето до враќањето, и јас ослабев сосем, кожата ми се затегна врз коските од телото, стапалата ми распукаа како калинки и крвавеа кога стигнав во Дамаск, на пазарот.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Во черепот забележаа змиски јајца, кои при фрлањето на черепот, распукаа и од нив излегоа мали змивчиња; луѓето се згрозија и почнаа да ги удираат со лопатите и да ги гмечат со нозете.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Молкум рашири раце па трите гушнати, со еден офтеж - тажалка - душиве карпи распукани...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Тоа беа пораки чиј разорен копнеж можеше да распука и камен.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
На зурлаџиите им се дујат образите - чиниш ќе распукаат, а тапанџијата удира ли удира, надалеку да ечи, да се чуе и отаде Езерото!
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Дали затоа, или заради старото предание кое вели дека огледалото се скаменува кога оној што умира се огледува во него за последен пат, па засекогаш ја чува таа последна слика и веќе никој друг не може да се огледа во таквото скаменето огледало, дали велам, заради тоа предание, не знам, но одеднаш огледалото самото од себе се сви и следниот миг – распука.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе