ретко (прил.)
Ретко сме свесни за својот сопствен кич.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Зборот има неисцрпни значења и ретко кој би можел лесно да го искорени од балканските јазици.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
- Тешко е, не велам, - продолжуваше тетка Рајна, со две деца ретко некоја ќе се нафати да ги гледа, но, ќе се распрашаме однапред, сѐ ќе ѝ се каже, па може и да се најде.
„Друга мајка“
од Драгица Најческа
(1979)
Татко ми никогаш не бил многу друштвен човек и кај нас ретко навраќаа негови пријатели и познати.
„Друга мајка“
од Драгица Најческа
(1979)
Станаа какви што ретко можат да се видат во светот: во едната имаше илјадници ситнурии и матракулки: од игли за плетење и крпење до часовници што некогаш имале разноразни задачи: да ѕвонат, да тикараат, да гукаат на ѕидови и да се тресат по мали џепчиња; па потоа конзервички и тенеќиња со шарени обвивки и со натписи што можеш по цел ден да ги читаш и да не ги протолкуваш; шишулиња од разни големини и дебелини, кои можат да се носат воврени во прстите или пак наредени како цевки под мишките; белезички, прстенчиња, ножиња со рокчиња, шарени стомничиња, свирчиња, а потоа: рачки од чадори, поткови, бургивчиња, тркала од колички, панаѓурски штракачиња и што ли не.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Секој од нас се гледа само себеси и ретко некој погледнува подалеку да ги види своите другари како напрегаат сили низ целата земја работејќи на големото дело на народната просвета.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Мајка ми седнала на седлото пред војникот а коњот во кас го пресекол полето и тоа по оние тесни селски патеки по кои и воловските двојанки многу ретко заскитуваат.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Возрасните за жал играат ретко или пак безволно признаваат дека ја играат таа игра.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Не може човек да се покрие со превезот на самозаборавот зашто никогаш нема да излезе од затворениот круг на немоќта и сомнежите во сопствените сили, зашто под него се венее, сѐ се отуѓува и ретко надоаѓа утехата и надежта.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Омилен танц им е пајдушкото ама во Европа ретко кој чул за него.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
3.
Време, Човек
Драма, Сатурне:
Јас станувам носечки лик, противник
Ти почетна сила, нагон кон целината;
Јас тапкам одовде-донде
Ти кружиш цикличен, прстенест;
Јас им се подбивам на повторувањата
Ти повторуваш, ретко но редно
демонски син-хроничен, цел;
Јас бришам, ишкам епохи, слушаш ли,
епохи, ех да можам да летнам
Ти гледаш од високо
пишуваш и леташ.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Во нашата деловна практика овој начин на стопанисување многу ретко се користи.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“
од Димитар Апасиев
(2011)
Тие спиеја во одделни бараки и ретко можеа да се видат.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Долгите раце ги држеше во џебовите и се потпираше на багремово стебло загледан во ретко посеаните капки по темното небесно кадифе.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Не можеме да излеземе прочистени од загушливите и замаглени секојдневија и повторно во период од неколку неброени часови како неминовна нужност ќе ги заменам улогите, затоа што играта со сопствените чувства и мисли, а не ретко со другите ми причинуваше задоволство.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Марије млада невеста промискуитетна и нечесна сеуште мажи шармираше а висок морал пропагираше Везден нокти лакираше со свекрва очи си вадеше до ова да дојде немаше да мислеше дур се ебаваше Сексот и градот го гледаше и ретко алишта пеглаше во бракот што влезе се каеше ни јајца да спржи не знаеше
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Помислив ќе ми понуди нешто многу ретко и необично.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Селаните ретко го гледаа или воопшто не го гледаа.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Ретко со едно мавнување да не ја погоди в глава.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Ретко сум видел некој толку брзо да ни пристапи.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)